1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израел со пари стимулира населување окупирани територии

Животот во Израел станува се‘ поскап. Алтернатива за младите семејства е преселба во населби на окупираните територии. Владата тоа го стимулира со финансиски поттик.

Откако Палестинците кон крајот на ноември минатата година во ОН во Њујорк добија статус на држава-набљудувач, Израел почна со враќање удари: прво најави изградба на нови станови во Ерусалим и на Западниот Брег - 2.600 во Гиват Хаматос, 1.200 во Гило, 1.500 во Рамат Шломо. Иако овие населби според меѓународното право се илегални.

Israel Ariel Universität

Универзитетот во Ариел

Според израелски тврдења, изградбата била планирана одамна, а чиста случајност е што јавното објавување стигна по веста за приемот на Палестинците во ОН. За време на божиќните празници израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак го објави ревалоризирањето на факултетот во населбата Ариел во универзитет. Западниот Брег е окупирана територија, војската таму одлучува за прашања поврзани со образованието.

„Тоа претставува уште еден чекор на израелската влада кон промена на Зелената линија (границата пред шестдневнатa војна од 1967. година). Таа се обидува да ги убеди Израелците дека нема разлика дали се живее на израелска почва или во воено окупираните територии“, го коментира актуелниот развој Сарит Михаели, портпарол на израелската организација за заштита на човековите права Б‘тселем.

Израел последните години вложи огромни суми пари во изградбата на населби.

Раст на населбите преку финансиски погодности

Се вршат поттици, на кои многумина не можат да им одолеат. Зашто, животните трошоци во Израел растат.

„Чудното во тоа е што таму може да се живее во поголеми и подобро градени куќи и за тоа да се плаќа помалку отколку во Израел. Доселениците, на пример, добиваат поповолни хипотеки, поедноставни модели за отплата и даночни олеснувања. Секое семејство кое живее зад зелената линија, на ваков начин има јасна финансиска предност“, вели Михаели. Израелците-доселеници во никој случај не се сите религизони фанатици, кои одат на окупираните територии за да го остварат сонот за Израел од Средоземното Море до реката Јордан.

Israel neue Siedlungen Westbank

Протести против политиката на населување на Западниот Брег

29-годишниот Гили Паран живее во Рамат Ганкај кај Тел Авив и секојдневно патува до универзитетот во Самариа, како што се вика официјално факултетот во Ариел, каде студира економија. Тој го цени доселеничкиот универзитет:

„Се‘ е малку помало отколку во Тел Авив, на пример, или во Ерусалим, а контактот и односот е поличен. Таму има помалку студенти и добра опрема, многу се инвестира во универзитетот“.

Малку од студентите се жители на Ариел. Многумина патуваат секојдневно од Ерусалим или изнајмуваат поволно соба во студентски дом. Дури и израелски Арапи студираат во Ариел. Ниту пријателите ниту познаниците не го критикуваат вистински за неговата индиректна поддршка на политиката на нови израелски населби на палестинска територија, вели Паран и додава:

„Секој знае дека тоа не е политичка определба“.

И студентските такси во Ариел се помали, Паран плаќа околу 2.600 евра годишно.

„Сладок живот“ во окупираната територија

На младите во населбите на окупирана територија им се нуди животен стандард кој тешко може да се финансира во средоземноморската метропола Тел Авив, каде недостигот на станови и високата побарувачка ги креваат крииите.

„Во последните 40 години во Израел не е формиран нов универзитет, а населението е нараснато“, вели Паран. Тоа важи и за бројот на доселеници, кои во меѓувреме ги има над половина милион и чии потреби треба да се задоволат.

Bau israelischer Siedlungen

Градба во населбата Рамат Шломо

Израел целно гради нови населби на окупирани територии.

„Тоа не е никаква тајна, политиката е јасна“, вели Сарит Михаели од организацијата за заштита на човековите права Б‘тселем.

„Тоа се разбира вклучува и инвестици. Доселеничките населби се декларираат за национален приоритет, што ја открива стратегијата на владата“.

Само владата на Јицак Рабин, кој беше убиен од еврејски екстремист, не го правеше тоа. Паран високо го цени животниот стандард и квалитет во населби како Ариел:

„Можам да си замислам подоцна да живеам таму, ако можам да купам апартман. Ариел е град во Израел и не изгледа дека ќе им биде вратен на Палестинците. Луѓето тоа треба да го прифатат“.

Ниту Михаели не верува во промена на политиката:

„Ни претстојат избори, а ниту нова влада нема да ја промени политиката во однос на окупираните територии“.