1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израел признава една, Русија и Сирија регистрирале две ракети

Ракетата истрелана денеска во Медитеранот е дел од заедничка американско-израелска воена вежба, информираше израелското министерство за одбрана. Објаснувањето дојде по конфузните изјави за испукањето на ракетата.

„Израелското министерство за одбрана и американската Агенција за ракетна одбрана денеска наутро во 9:15 часот (7:15 по македонско време, н.з.) успешно испукаа ракета од типот Анкор“, стои во изјавата од министерството. „Тестот беше извршен во Медитеранот и управуван од армиска база во центарот на Израел“, се додава во соопштението. Во него е спомената само една ракета.

Руското министерство за одбрана, пак, информираше дека неговите системи за рано предупредување детектирале две балистички ракети кои биле испукани од централниот дел на Медитеранот кон источниот брег на морето. Руските власти информираа дека ракетите завршиле во морето. Сомнежите на руските воени власти се дека ракетите биле испукани за извидување на временските услови.

За две испукани ракети информира и сириски безбедносен извор, кој го пренесе руската државна агенција РИА Новости. Сирискиот систем за рано предупредување не регистрирал дека некои од ракетите завршиле на сириска територија.

Претходно, американската морнарица информираше дека таа не испукала ракети од бродови во Медитеранот. А, и израелската армија, преку својот портпарол, информираше дека „не е запознаена“ за лансирањето на некои ракети во Медитеранот. Потоа израелскиот министер за одбрана сепак потврди дека тестот бил извршен од израелска страна.