Израел подготвува копнена офанзива врз Газа | Свет | DW | 16.11.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израел подготвува копнена офанзива врз Газа

Израел ги интензивира воздушните напади врз појасот Газа, а се погласни се најавите дека се подготвува и нова копнена офанзива врз палестинската територија.

Израелски борбени авиони во текот на ноќта нападнале повеќе од 130 цели на територијата на Појасот Газа, како одговор на двете ракети кои од палестинска територија беа истрелани кон главниот град Тел Авив. Утринава владее привремено затишје, откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прифати неколку часовен прекин на огнот поради посетата на египетскиот премиер Хешам Кандил на Газа. Во досегашните напади загинале десетици Палестинци и тројца Израелци. Мнозинството цивили.

Судирите ескалираа откако Израел во воздушен напад го ликвидираше воениот командант на Хамас во Газа, Ахмед Џабари. Во одговор на нападот, палестинските радикали испукаа десетици ракети врз израелски цели, две од кои синоќа погодија ненаселени области во главниот град Тел Авив.

Споед израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак, со истрелување на ракетата врз Тел Авив палестинските екстремисти направиле чекор кон ескалација на конфликтот. За да одговори на таквата ескалација, Барак најави мобилизација на 30 илјади резервисти, што наведува на можноста од нова копнена операција во Газа, и тоа на неполни два месеци пред закажаните парламентарни избори во Израел. Израелските медиуми јавуваат за придвижување на колони тенкови и оклопни транспортери кон границата со палестинската територија.

Премиерот на Газа од редовите на Хамас, Исмаил Ханиа ги осуди израелските напади.

„Ние во Газа сме смирени. Имаме доверба во нашите борци кои сега се распоредени на фронтот“, порача Ханиа.

Дипломатските напори за запирање на конфликтот засега ги предводи новата влада во Каиро. Египетскиот премиер Кандил денеска ќе се сретне со претставници на Хамас во Газа. Египетскиот претседател Мохамед Мурси ги нарече израелските напади „неприфатлива агресија“ и оцени дека тие ќе се одразат врз стабилноста во регионот.

Арапската лига попладнево ќе разговара за состојбата во регионот. САД повикаа на прекин на огнот, но му дадоа поддршка на Израел. Вашингтон испрати повик до Египет, Турција и европските држави кои имаат контакти со Хамас да влијаат врз радикалната организација да ги сопре ракетните напади врз израелска територија.