1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израел најмногу си наштети себе си

Со воената операција против хуманитарниот конвој, Израел фактички, најмногу си наштети себе си. Само брзо расветлување од страна на независна комисија може да го отвори патот за намалување на штетата.

default

Некој да сакаше да смисли пострашно сценарио, тукуречи немаше да успее. Израелската воена морнарица запира хуманитарен конвој за населението во појасот Газа, кое веќе со години страда од блокадата на израелската армија. Згора на тоа, во акцијата има жртви меѓу хуманитарците. Притоа е се‘ едно кој прв почнал да применува насилство - убивањето невооружени цивили не може да има оправдување. Затоа целиот случај треба што е можно побрзо да го испита неутрална меѓународна комисија. Тоа е во интерес и на Израел, кој мора да сфати дека под итно треба да преземе се’ што е во негова моќ за да ја намали штетата. А таа е сега огромна и тоа не само во очите на луѓето од исламскиот свет. И во Европа многумина се огорчени поради настанот.

„Силни зборови“

Секако дека на бранот незадоволство сега претседателот на Палестинците Махмуд Абас користи силни зборови како „масакр“. И иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад го користи поволниот миг и ги полни медиумите со анти-израелски тиради. Израелските сили за безбедност навистина му дадода одличен повод. И другите непријатели на Израел, како радикалните организации Хамас и Хезболах, ги повикуваат сограѓаните од арапските и другите исламски земји на „отпор“. Нивните радикални повици ќе најдат плодна почва и во Турција, каде министерството за надворешни работи зборува за „непоправливи штети“ во односите со Израел. Хамас ги повикува масите да демонстрираат пред израелските претставништва, играјќи си така со гневот на обичните луѓе, кој е ионака голем поради тензиите во регионот. Тоа може брзо да доведе до ескалација на ситуацијата.

Пречекорена „црвена линија“

Во овој миг особено важна улога имаат САД и Европа. Тие треба да ги вложат сите можни напори за да ја спречат ескалацијата. Осудата на воената акција, прекинот на заедничките маневри со израелските сили и повикувањето на израелските амабсадори на протестни разговори во главните градови секако испраќаат јасни сигнали дека со оваа воена операција „црвената линија“ била значително пречекорена. Во актуелната ситуација можеби светската јавност ќе го сврти повеќе вниманието кон страдањата на локалното население во појасот Газа. Но, ни на луѓето таму, како ни никому друг, не му е од полза доколку Израел предолго се најде на мета на критика. Она што е најитно неопходно е создавањето на неутрална истражна комисија за инцидентот, што значи и да се убеди Израел да ја прифати. Инаку, ограничувањето на штетата од случајот е однапред осудено на неуспех.

Автор: Рајнер Золих / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска