1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Израел заврши со расчистување на населбите во Газа, а денеска продолжи на Западниот брег

Припадници на израелската армија започнаа со расчистување на две населби на Западниот брег и притоа наидоа на силен отпор. Тоа и се очекуваше – според процени на полицијата, таму се забарикадирани околу 2 илјади противници на израелското повлекување од окупираните територии.

Појасот на Газа расчистен, акцијата продолжува на Западниот брег

Појасот на Газа расчистен, акцијата продолжува на Западниот брег

Стотици војници со заштитна облека и опрема изутрината ја пресекоа заштитната ограда, а потоа булдожер ја урна влезната порта во населбата Санур. Војниците навлегоа во две синагоги и едно религиозно училиште и почнаа да ги изнесуваат демонстрантите кои се молат и пеат. Во едната полуизградена синагога тие се забарикадирани со бодликав тел и метални прачки. Бодликав тел е поставен и околу куќите. Други противници на напуштањето на окупираните територии се забарикадирани во стара британска тврдина и дуваат со рогови, што во библиски Израел биле користени за повикување на борба.

И во другата населба, Хомеш, силите за безбедност ги совладаа пламените барикади и оградите од бодликав тел. Таму млади демонстранти се затворени во напуштени куќи, чии влезни врати ги блокираа, а натрупале и ќерамиди за со нив да фрлаат по силите за безбедност. Полицијата смета дека тие имаат и камења, остри метални проектили, ножови, шок-гранати, па можеби дури и огнено оружје. „Доколку екстремистите отворат оган врз безбедносните сили, ние ќе одговориме за да ги неутрализираме“ – рече на военото радио претставник на полицијата.

Во акција во двете населби се вкупно околу 5 илјади израелски војници и полицајци. Другите две населби од Западниот брег, кои според планот за повлекување од појасот на Газа исто така треба да бидат расчистени, жителите доброволно ги напуштија. Санур, Хомеш, Ганим и Кадим се наоѓаат во северниот дел на Самарија. Ортодоксните Евреи веруваат дека во Стариот тестамент од Библијата ним им е ветена таа земја. Во библиските времиња регионот бил населен од племето Менаше, едно од десетте израелски племиња што биле принудени да одат во бегалство. Две причини го наведоа премиерот Ариел Шарон да ги предаде токму тие населби: од една страна тие беа изолирани и редовно беа цел на напади, а од друга, со нивното распуштање тој сака да сигнализира готовност за политичко решение на блискоисточниот конфликт.

Вчера заврши расчистувањето на сите еврејски населби во крајбрежниот појас на Газа. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас во петминутен телефонски разговор му честита на израелскиот премиер за „смелото и историско решение“ за повлекување и му вети: „Ние сме ваши партнери за мир“. Во првиот директен меѓусебен контакт од самитот на 21-ви јуни, Абас и Шарон принципиелно договорија нова средба.

Во врска со повлекувањето од Газа, Залман Шовал, надворешнополитички советник на Шарон, за Дојчландфунк изјави: „Тоа не е само тактичко, туку и стратегиско. Тоа беше и основа за договорот меѓу нас и Американците – големите населени блокови во Западен Јордан и во иднина, за секогаш да бидат дел од државата Израел. Мапата на мирот се базира врз Резолуцијата 242 на ОН, која сосем јасно вели дека во иднина границите мора да бидат безбедни и повлекувањето на Израел мора да оди само на безбедни граници. Поранешната ’зелена линија‘ не е безбедна граница: таа беше само линија на договор за прекин на огнот и доведе до тоа ние во 1967-ма година да бидеме загрозени од арапските инвазори и агресија“.