1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израел: ерата по Шарон започна со компликуван изборен резултат

Парламентарните избори во Израел не донесоа голем победник, но има еден голем губитник

Приврзениците на победникот Олмерт

Приврзениците на победникот Олмерт

Кадима, партијата што ја основа поранешниот израелски премиер Ариел Шарон, а по неговата болест ја презеде сегашниот вршител на должноста премиер Ехуд Олмерт, освои најмногу места во новиот состав на израелскиот парламент, па сепак далеку помалку од прогнозите.

На плоштадот „Јицак Рабин“ во Тел Авив стотици Израелци ги одбројуваа секундите до објавувањето на првите прогнози за исходот на изборите. Кога на голем екран беа објавени бројките и графиконите, веднаш беше јасно: Кадима, партијата на преодниот премиер Ехуд Олмерт, победува. Во парламентот таа ќе биде застапена со 28 пратеници, многу помалку од предвидувањата. Приврзениците се разочарани: „Се надевав дека ќе биде многу повеќе. Да беше Шарон уште премиер, резултатот ќе изгледаше поинаку“ – вели еден од нив.

Олмерт многу емониционално им се обрати на своите приврзеници и се прогласи за победник. Тој уште еднаш му се заблагодари на основачот на Кадима Ариел Шарон, кој е во кома в болница во Ерусалим по претрпениот мозочен удар. Олмерт потоа ја потврди својата цел за дефинитивно одвојување од Палестинците: „Во наредниот период ќе се потрудиме да ги утврдиме дефинитивните граници на Израел како еврејска држава со еврејско мнозинство, како демократска држава. Ќе се потрудиме за разговори и договор со палестинскиот сосед. Тоа е наша надеж, наша молитва“.

За тој план на Олмерт му треба коалиционен партнер, а како понуда е Работничката партија на чело со Амир Перец, која со 20 мандати е втора политичка сила во парламентот. Но, ни тоа не е доволно за владино мнозинство. За луѓето на Рабиновиот плоштад ова не е несовладлив проблем: „Не верувам. Сега ќе се здружат Работничката партија и Кадима, и уште со Шас-партијата и Пензионерите ќе биде можно“. Ултра-ортодоксната Шас-партија има 13 пратеници. Пензионерите, кои за прв пат влегуваат во парламентот, имаат седум места во него. Тоа е мала сензација, оти и многу млади луѓе очигледно гласале за неа – од протест, како што велат аналитичарите.

За возбудување се погрижи уште едно изненадување: доселеникот од Русија Авигдор Либерман со партијата „Нашиот дом Израел“ освои 12 мандати. „Многу гласови добија политичари кои се сметани за екстремисти. За жал, се чини дека тие како веќе да не се екстремни, туку се легитимен дел на Израел“.

Либерман притоа профитираше од пропаста на Ликуд, јасниот губитник на овие избори. Партијата што ја предводеше Бенјамин Нетанјаху, победник на претходните избори, сега е само петта политичка сила во земјата. „Нема сомнение дека Ликуд прими тежок удар. Тоа е втор удар што не погоди. Пред 100 денови го презедов раководењето со партијата, откако нејзиниот претседател ја напушти и зад себе остави една расцепкана, уништена партија“ – рече Нетанјаху, алудирајќи на Шарон.