1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израел го зголемува притисокот врз Хамас

Тенковски единици на израелската армија навлегоа во неколку квартови на градот Газа, поддржани со бомбардирања од воздух. Во напорите за прекин на борбите се вклучува и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.

default

Израелската армија ја продолжува офанзивата со несмалено темпо

Борбите во Појасот на Газа се засилуваат. Израелската армија го затвора обрачот околу градот Газа, а пешадиски единици со тенковска поддршка навлегоа и во други поголеми градови како Беит Лахија и Џабалија на северот од Појасот. Палестинските радикали возвраќаат со оган, а повеќе проектили повторно беа истрелани кон јужниот дел од Израел. Еден од нив погоди и куќа во регионот блиску до границата, но жртви нема.

Поради заострувањето на борбите, во кризниот регион ќе отпатува и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, кој на прес-конференција во Њујорк порача:

„Пред се’ сакам да ја манифестирам длабоката загриженост и сочувство со недолжните цивили во овие страшни услови, како во Израел, така и на окупираните територии. Повеќе од 900 Палестинци ги загубија животите, а преку 4.000 се ранети и што е полошо тие немаат ни каде да избегаат, каде да се скријат“ - порача Бан Ки Мун.

Тој најави дека турнејата по земјите од регионот ќе ја почне в среда со посетата на Египет и Јордан, а ќе продолжи во Израел, Сирија, Кувајт, Либан и Турција. Бан Ки Мун ќе присуствува и на самитот на Арапската лига во Кувајт, каде според неговите зборови ќе има можност да поразговара со лидерите на арапскиот свет.

Gaza Angriff Israel 2009

Постојани експлозии во појасот Газа

Засилување на дипломатските напори

Во регионот се засилуваат дипломатските напори, кои до сега не донесоа голем успех. Очите се најмногу насочени кон Египет, каде продолжуваат преговорите меѓу шефот на египетските тајни служби и шестемина високи претставници на радикалното движење на Палестинците, Хамас. Во Каиро престојува и специјалниот пратеник на Блискоисточниот квартет Тони Блер:

„Мислам дека основите за договор за итно примирје се поставени. Сега се работи напорно на деталите. Ова е тешка фаза во преговорите, но се надевам дека ќе донесе плодови - и тоа наскоро!“

Поранешниот генерален секретар на ОН, Бутрос Гали, смета дека страдањето на палестинското население во појасот Газа ќе има далекусежни негативни последици по мировните настојувања во регионот:

„Една од првите последици на оваа војна е слабеењето на позицијата на сите умерени сили, кои бараат дијалог. Тоа важи како за Израелците, така и за Палестинците и за целиот арапски свет. Многу ќе биде тешко да се почне нов дијалог за мир, а без при тоа секој кој ќе се обиде да го стори тоа да се најде во опасност да биде означен како предавник“ - оцени Бутрос Гали.