1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израел ги ослободува учесниците во конвојот

Израел ослободи околу 400 лица, додека постапката за депортирање на останатите двесте активисти и натаму е во тек. Во меѓувреме острите критики не стивнуваат. Излезот се мировните преговори, велат дипломатите.

default

Протерување од Израел во Јордан

Одлуката за пуштање на слобода и депортирање на учесниците на хуманитарниот конвој за појасот Газа била донесена доцна синоќа, на вонредната седница на кабинетот за безбедност на израелската влада. Иако меѓународниот притисок за пуштање на активистите беше огромен, членовите на безбедносниот кабинет на премиерот Бенјамин Нетанјаху не можеле да донесат едногласна одлука. Двајца од нив останале на мислењето дека ослободувањето на активистите ќе испрати погрешен сигнал. Премиерот Нетанјаху, пак, синоќа нагласи дека Израел нема да се откаже од блокадата на појасот Газа. Таа е и натаму неопходна заради опасноста од шверц на оружје за палестинските милитанти во појасот.

Во меѓувреме, од затворот во Бершева се пуштени и активистите на конвојот од Турција. Тие го сочинуваа мнозинството учесници со околу 380 лица. Израелската влада нив ги депортира до аеродромот Бен Гурион во Тел Авив, од каде три авиона на турското воено воздухопловство ќе ги префрлат во татковината.

Ердоган бара казна за одговорните

Israel Palästina Palästinenser Gaza Angriff Türkei Erdogan

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган оцени дека Израел спроведува државен тероризам

Со оглед на фактот дека и најголемиот број жртви во операцијата на израелската армија врз бродовите потекнуваат од Турција, премиерот Реџеп Таип Ердоган побара казнување на одговорните:

„Овој неодговорен и бескрупулозен напад на израелската влада, што ги крши сите правни норми и сите човечки доблести, мора по секоја цена да биде казнет!“

Ердоган оцени дека Израел спроведува државен тероризам, дека го крши меѓународното право и дека ги торпедира напорите за обновување на мировниот процес за Блискиот исток. Турскиот премиер посочи и дека ваквото однесување на израелската влада ќе донесе темелни промени во ситуацијата во регионот:

„Денешниот ден претставува пресвртница, јасно е дека од денеска веќе ништо нема да биде како што беше порано. Агресивна држава, која пред очите на меѓународната јавност врши убиства во меѓународните води, веќе не може да и’ погледа в очи на истата јавност, без претходно да се извини и да се покае за делото!“

„Излезот се мировните преговори“

Palästinenserpräsident Abbas will Referendum zu Unabhängigkeit

Абас се` уште расположен за „индиректни“ мировни преговори со Израел

Поранешниот израелски амбасадор во Анкара, Алон Лиел, пак, ги сумираше штетите настанати по нападот во Средоземното море со зборовите:

„Израел е многу ранлив на меѓународната сцена. Кога згора на се` ќе се додаде и последниот инцидент, нашиот живот во странство станува уште потежок. Сметам дека овде во Израел ќе мора да се извлечат последици. Мора да се стори нешто во врска со нашата позиција во меѓународни рамки. Единствениот начин да се промени овој тренд и полесно да дишеме на интернационалната политичка сцена, се мировните преговори со Палестинците. Сега се` мора да биде насочено кон мировните преговори.“

Претседателот на Палестинците, Махмуд Абас вчера истакна дека и покрај воената операција на Израел во Средоземното море, тој се` уште сака да ги продолжи „индиректните“ мировни преговори со еврејската држава. Следната недела Абас ќе патува за Вашингтон, каде со американскиот претседател Барак Обама ќе разговара околу продолжувањето на преговорите, кои досега не секогаш се одвиваа глатко.

Автор: ГЧ/ЖА/дв/дпа/ап

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM