1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израел бара од САД поостар однос кон Иран

Израел независно ќе одлучи дали да употреби воена сила против Иран, изјави денеска (04.03.) министерот за надворешни работи Авигдор Либерман. Изјавата дојде во предвечерјето на самитот САД – Израел.

„Нема сомнеж дека зборуваме за најјаката сила во светот“, рече Либерман, мислејќи на САД. „Зборуваме за најзначајниот пријател на Израел“, додаде тој.

„Но, ние сме независна и суверена земја и на крајот од краиштата одлуките ќе ги донесе израелската влада – најдобрите што ќе одговараат“, дополни Либерман.

Изјавите на Либерман дојдоа на ден пред средбата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Барак Обама во Вашингтон. Се очекува фокусот на средбата да биде на иранските нуклеарни активности.

Ако меѓународната заедница беше неспособна да го запре крвопролевањето во Сирија, тогаш колку вредат странските гаранции на израелската безбедност, се запраша министерот Либерман.

Барањата од доверливите разговори во јавност

Утрешните разговори на таа тема меѓу Обама и Нетанјаху ќе останат строго доверливи. Либерман сепак појасни дека Израел не се обидува да влијае на американската одлука за тоа прашање.

Obama und Netanjahu Treffen Washington

Нетанјаху на утрешната средба ќе бара од Обама поостар однос кон Иран и да објави дека е подготвен да употреби воена сила против оваа земја

„На претседателот Обама не му треба нашиот совет. Тој ја знае ситуацијата и ја знае нашата позиција. Тој јасно, многу јасно знае што ќе каже, што ќе слушне и што ќе земе в предвид“, рече израелскиот министер за надворешни работи.

А, израелските медиуми излегоа со детали – информираат дека од Вашингтон ќе се побара да користи позаострен речник кон Иран и јасно да објави дека е подготвен да употреби воена сила, ако Техеран не ја напушти нуклеарната програма.

Обама не исклучи ниту една опција

Американскиот претседател Барак Обама во интервју за магазинот „Атлантик“, објавено во петокот (02.03.), изјави дека сите опции се на маса за спречување на Иран да создаде нуклеарно оружје, вклучувајќи политички, економски и дипломатски мерки, но и оние со „воена компонента“.

„Мислам дека израелската влада признава дека јас, како претседател на САД, не блефирам“, рече Обама.

Во истовреме, Нетанјаху изјави дека Израел очекува да му се дозволи „слобода да дејствува“ против заканите.

Американските разузнавачи претходно информираа дека не веруваат дека Иран во моментов има намера да произведе нуклеарни оружја, иако можеби разгледува дали има капацитет да го направи тоа. Претставниците на американската власт повеќе пати ја нагласуваа потребата од поостри санкции и употреба на дипломатија.

Но, Израел е желен да реагира брзо и поодлучно против иранските нуклеарни активности, употребувајќи и воена сила за да се спречи дури и капацитетот да се донесе одлука за производство на нуклеарни оружја.

Автор: Александар Методијев /дпа/афп

Редактор: Александра Трајковска