1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израелците се за Меккејн, на Палестинците им е се’ едно

Без САД ништо не оди на Блискиот исток - и кога таму владее затишје, Американците учествуваат во него. Палестинците не очекуваат многу од новиот американски претседател, а Израелците го претпочитаат Џон Меккејн.

default

Ерусалим: на Блискиот исток нема големи очекувања ни од новиот американски претседател, се’ едно дали ќе биде Обама или Меккејн

„Најголемиот дел мислат дека Обама е подобар, но јас сметам дека во крајна линија е се’ исто. Тој ќе ги донесува истите решенија како и досегашната влада“. Како за фризерот Иса од Рамала, и за најголемиот дел од Палестинците нема разлика кој ќе биде претседател на САД. Се’ додека еврејското лоби има толкаво влијание во американскиот Конгрес, нема многу да се промени блискоисточната политика на американската влада.

Владата на Буш нанесе многу непоправливи штети

USA Finanzkrise George Bush Rede in Washington zu Wirtschaft

Му донесе несреќа на Блискиот исток: Џорџ Буш јуниор

Сепак, дали се Палестинците радосни што завршува ерата на Џорџ Буш, кој му донесе толку несреќа на Блискиот исток? „Ќе се види по изборите. Ќе видиме како ќе постапува новиот претседател и дури потоа ќе можеме да донесеме оцена за Буш“, вели Аднан, муштерија во фризерницата. Сосем поинакво е мислењето на Ахмад Харб, професор по англистика на универзитетот во Рамала и романсиер: „Владата на Џорџ Буш нанесе толку многу штети. Израелците го искористија тоа време за да создадат нови факти, и кој и да дојде, веќе не ќе може да го промени тоа. Населбите, заштитниот ѕид, Ерусалим - тоа е неповратно“.

Научникот, кој студирал во САД, е скептичен дека новиот претседател, се’ едно кој ќе биде, воопшто ќе може бргу да се зафати со блискоисточните проблеми. „Не верувам дека тој бргу ќе му се посвети на Блискиот исток. Прво мора да се грижи за финансиската криза, тоа ќе биде негов главен приоритет и според тоа ќе го оценуваат. Можеби Ирак ќе биде вториот приоритет, и Авганистан, Пакистан... Ако Блискиот исток биде тема можеби во втората половина од неговиот мандат, тоа веќе би било о-кеј“, смета Ахмад Харб.

Обама би бил поурамнотежен и помалку би го подржувал Израел

USA Präsidentschaftswahlen John McCain mit Flugzeug

На Израелците повеќе би им одговарал Меккејн

Израел, пак, посакува американски претседател кој, како и Џорџ Буш, нема да бара одредени компромиси со Палестинците и ќе следи цврст курс спрема Иран. Израелците се надеваат дека Џон Меккејн би ја продолжил досегашната политика, а спрема Обама се скептични. „Јас сум за Џон Меккејн, оти со него нашата иднина е сигурна“, вели еден граѓанин. Кога би гласале Израелците, би го избрале Меккејн со 12 проценти предност.

„Со поглед врз Иран, Обама рече дека тој без никакви предуслови би се состанал со претседателот Ахмадинеџад или други ирански водачи, што ним би им донело веродостојност. Што се однесува до палестинското прашање и арапската агресија околу Израел, Обама би бил поурамнотежен и помалку би го подржувал Израел, единствената демократија на Блискиот исток“ - анализира Адам Афтергут, Израелец со американско потекло.

Силни САД - силен Израел

USA Präsidentschaftswahlen Wahlkampf Barack Obama Video

Прагматичните Израелци би го прифатиле и Обама

Во Израел живеат околу 170 илјади американски граѓани со право на глас, кои имаат и израелско државјанство. Тие гласаат со писмо. Три четвртини од нив, според изборните прогнози, се определиле за Џон Меккејн. Дури и многумина од регистрираните демократи гласале за републиканскиот кандидат. Многумина Израелци имаат лош впечаток за Барак Обама, чија посета летоска беше проследена со големо медиумско внимание.

Но, најголемиот дел од Израелците се прагматични и би го прифатиле и Обама како претседател. „Иако го сметам Меккејн за подобар кандидат за Израел поради неговото политичко влијание и според тоа како го подржува Израел, сепак Обама во моментов е најдоброто за САД, а ако Соединетите Држави се силни, во иста мера ќе биде силен и Израел“ - вели Дан Аронович, Израелец со американско државјанство.