1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израелците бараат социјална правда

Повеќе од 250.000 Израелци на викендот протестираа поради растечките животни трошоци, недостатоците во образованието и здравството, проблемите со становите и големата разлика во платите. Премиерот Нетанјаху вети реформи.

default

Доста е молчење, порачуваат демонстрантите

Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ветува реформи во земјата, како одговор на масовните протести. Итно беше намален данокот на индустриската нафта, која ја употребуваат електраните, со што цената на електричната струја ќе порасне за 12 наместо за 20 проценти. Владина комисија треба да изработи натамошни предлози. Но, дали со тоа ќе запрат демонстрациите?

Цела палета народни барања

„Народот бара социјална правда“, скандираа на викендот илјадниците луѓе во Tел Авив. Расположението кај народот е речиси еуфорично, на протестите излегоа родители со мали деца, цели семејства. На плоштадот Ротшилд со денови постои цел град од шатори, како знак за предупредување за недоволниот број станови. Но, демонстрантите не бараат само повеќе и поевтини станови.

„Овде сум да протестирам против растечките цени во Израел, против начинот на кој владата ги остава на цедило граѓаните, протежирајќи само неколку семејства“, револтиран објаснува еден Израелец.

Proteste in Israel

Илјадници незадоволни луѓе

„Порано постоеја минимални разлики меѓу богатите и сиромашните, најмали во светот. Сега сме во светскиот врв според социјалниот јаз, а очигледно на луѓето им е веќе преку глава од тоа“, дополнува возрасна жена.

Вртење вода на своја воденица

Социјалното движење смета дека е време да се зборува за причините за цените кои секојдневно растат, за подобар надзор над картелите во економијата, за субвенциите за ултраправославните и еврејските населби на палестинска територија, кои чинат огромни пари.

Протестите во Израел добија толкава поддршка зашто во прв план не се работи за некоја спогодба со Палестинците или за израелската политика на градење доселенички населби. Но, прашањето за односот кон доселениците во идните денови може да биде решавачко.

Активисти-доселеници како Барух Марцел веќе стигнаа во Тел Авив кај шаторите:

„Не можат милиони луѓе да живеат само на подрачјето на Тел Авив, нашата земја е многу поголема, ние мораме да живеем насекаде. Проблемот со недоволно станови настана зашто владата не гради во Ерусалим, Самара, значи на Западниот Брег“.

Доаѓањето на Мацел на плоштадот Ротшилд во Тел Авив заврши со инциденти. Но, тој има политичка поддршка. Израелската влада одобри изградба на 930 нови станови во Хар-Хома, населба јужно од Ерусалим, надвор од сите меѓународно признати граници на државата. За министерот за наука Даниел Хершковиц тоа е логична последица на протестите:

Proteste in Israel

Со денови пред се‘ младите се „забарикадирани“ во шатори на плоштадот

„Мислам дека ова е дел од одговорот во врска со становите и куќите што ние треба да го дадеме. Хар-Хома е еден од најновите квартови на Ерусалим, со веќе илјадници станови, мојата ќерка исто живее таму. Тоа е едно од решенијата што ќе ги нуди владата“.

Може ли прашањето за доселеничките населби да предизвика расцеп во социјалното движење, се прашуваат многумина.

Демонстрантите и владата засега водат дијалог на глуви. Идната сабота можеби ќе треба да зборуваат бројките - социјалното движење се надева на уште помасовна поддршка од граѓаните.

Автор: Торстен Тајхман/ Жана Ацеска

Редактор: Горан Чутаноски