1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израелски страв од египетските избори

Најновото заострување на ситуацијата во Египет се следи со голема загриженост во Израел. Постои загриженост дека мировниот договор меѓу двете соседни земји може да биде доведен во прашање.

default

Израел стравува исходот од изборите да не го наруши мировниот договор

Израел со загриженост гледа кон Египет, поради тоа што и покрај насилните пресметки на плоштадот Тахрир во Каиро, египетскиот Воен совет се придржува до терминот за парламентарните избори. Тие, како што е планирано, треба да се одржат следниот понеделник (28.11.). Израел го загрижува се поголемото влијание на Муслиманското братство, бидејќи тие во својата програма се залагаат за воспоставување на исламистичка држава со шеријатско законодавство.

Parlamentswahl in Ägypten

Израел е загрижен дека Муслиманското братство, кое беше забрането во времето на Мубарак, може да освои 40 проценти од гласовите

„Постои голема шанса Муслиманското братство да стане најјака сила, но сепак мислам дека во египетската политика ќе се најдат и други сили, кои ќе се погрижат Египет да не стане исламистичка држава“, вели поранешниот шеф на израелската тајна служба Мосад, Дани Јатом.

Набљудувачите проценуваат дека Муслиманското братство, кое во времето на Мубарак беше забрането, би можело да освои 40 проценти од гласовите. Меѓутоа, водечките египетски политичари истакнуваат дека мировниот договор со Израел нема да биде доведен во прашање. Двете држави тој договор го потпишаа во 1979-та година.

Меѓу останатото, со него е предвидена слободна пловидба на израелските бродови низ Суецкиот канал. Израелското министерство за надворешни работи соопшти дека зачувувањето на мировниот договор е во интерес на двете земји. Израелскиот лабурист Бенјамин Бен Елизер предупредува на тоа.

„Многу сум загрижен за судбината на мировниот договор и мислам дека долгорочно мораме да бидеме подготвени и на можни конфронтации. Сепак, мораме да направиме се’ за мир со Египет, без оглед за која влада станува збор“, вели Елизер.

Предизвици за безбедноста на Израел

Suezkanal in Ägypten Luftaufnahme

Со мировниот договор од 1979-та година се дозволува слободна пловидба на израелските бродови низ Суецкиот канал

Со мировниот договор од 1979-та година исто така е договорено Израел да му го врати на Египет Синајскиот полуостров, заедно со неговите нафтени извори. Синај денес важи за засолниште на шверцери и терористи.

„Нестабилната ситуација во земјата би можела да ја доведе во прашање египетската власт врз Синај, како и египетското влијание врз Хамас. Сите тие работи претставуваат предизвик за безбедносната политика на Израел. Јас сепак сметам дека мирот меѓу нас и Египет не може да биде загрозен. Мислам дека Еѓипќаните сфаќаат оти тој мировен договор е многу важен и за Египет“, укажува поранешниот шеф на Мосад, Дани Јатом.

Крвавите пресметки на плоштадот Тахрир во Израел се следат со голема загриженост. Бенјамин Бен Елицер вели:

„Кога ќе слушнам дека луѓето на плоштадот Тахрир велат дека треба да се одлучува за односите меѓу Израел и Египет на тој плоштад, а не во фотелјите во владата, како и кога гледам што се случува во Синај, тогаш морам да кажам – тоа е реалност која ние не можеме да ја контролираме. Иднината на Египет е во рацете на масите, а масите нас не не’ сакаат“.

Wieder Anschlag auf Pipeline auf dem Sinai

Со договорот од 79-та Израел му го врати Синај на Египет. Местото со нафтени извори сега е засолниште на шверцери и терористи

Причина за израелските стравувања е и инцидентот кој се случи на почетокот од септември. По серијата вооружени напади на југот од земјата, израелската војска тогаш покрена акција против наводните египетски терористи и притоа уби шест египетски полицајци. Дипломатските односи меѓу двете земји сега западнаа во криза. Египетските демонстранти ја нападнаа израелската амбасада во Каиро и имаше убиени и повредени. Амбасадорот на Израел потоа ја напушти земјата, а неговиот наследник Јаков Амитал би требало да оди во Каиро во првата недела од декември. Египетските безбедносни кругови нагласуваат дека во интерес на Каиро е новиот амбасадор што поскоро непречено да почне да работи.

Автор: Атја Штипел / Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски