1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израелски војници убија две палестински момчиња

Нова ескалација на тензиите во палестинските области, откако израелски војници застрелаа две палестински момчиња кои фрлале запаливи бомби врз припадници на армијата.

Израелските војници убија две палестински момчиња во судирите коишто во средата ноќта избувнаа на Западниот брег (на реката Јордан) коишто западните земји ги сметаат за окупирани палестински територии. Израелските воени сили потврдиле дека бил отворен оган врз група од неколкумина Палестинци кои фрлале запаливи бомби врз контролен пункт во Тулкарем.

Тензиите на палестинските територии пораснаа по смртта на палестинскиот затвореник во израелски затвор. Вчера низ Западниот брег се случија насилни демонстрации, а утрово палестински милитанти истрелале проектил на израелска територија.

Палестинците жестоко реагираа поради смртта на Абу Хамдијех во израелски затвор. Тој издржувал казна доживотен затвор, а починал од рак на грлото. Бил осуден поради обид да изврши бомбашки напад врз кафуле во Ерусалим во 2002 година. Во неговиот роден град Хеброн беа затворени училиштата, продавниците и фирмите, а стотици млади луѓе фрлаа камења врз припадници на израелската армија. Слична беше сликата и во други градови долж палестинската територија.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас оцени дека „израелската влада, во сета своја ароганција, не води сметка за затворениците“. Палестинското раководство го обвини Израел за медицинска негрижа во случајот со затвореникот, за кој се бараше предвремено ослободување од затвор поради напреднатата фаза на болеста.

Во вторникот и средата исто така беа испукани ракети врз израелска територија на кои Тел Авив возврати со напади во Појасот Газа.