1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израелски војник убиен на границата кон Либан

Израелски војник загина во вооружен инцидент на израелско-либанската граница. Како што соопшти израелската армија војникот бил тешко повреден од истрел на либански снајперист и починал во болница.

Израелската воена команда ноќта кон понеделникот потврди дека либански војник застрелал припадник на армијата на Израел на границата меѓу двете земји во близина на преминот Рош Ханикра. Израелската армија соопшти дека војникот бил застрелан додека со цивилно возило се движел во пограничниот регион. Службата за односи со јавноста на Армијата за одбрана на Израел тврди дека огнот од стрелачко оружје бил отворен од либански војник. „Еден израелски војник е убиен ноќта која се превезувал со возило по должината на границата со Либан“, изјави воениот портпарол Питер Лернер. Тој ги негираше извештаите на либанските медиуми дека инцидентот се случил кога Израелци се обидувале да ја минат границата. Портпаролот Лернер го нарече пукањето на преминот Рош Ханикра „флагрантно кршење на израелскиот суверенитет“, за што се информирани мировните сили на Обединетите нации на Синајскиот полуостров. „Израелската армија вложи протест до Привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) и ја зголеми борбената готовност на силите по должина на границата. Нема да толерираме агресија насочена кон државата Израел и го задржуваме правото на самоодбрана“, додал портпаролот на израелската армија.

Либанските медиуми претходно објавија дека армијата на Либан отворила оган врз група израелски војници кои имале намера да ја преминат границата во близина на местото ал-Накура. Израел од своја страна соопшти за отворен снајперски оган од либанска страна врз цивилно возило. Израелската армија во меѓувреме ја зголеми борбената готовност на границата кон Либан.

Во август годинава четири израелски војници беа ранети во експлозија на границата со Либан. Истиот месец воздухопловните сили на Израел извршија бомбардирања на територијата на својот северен сосед како одговор на неколкуте проектили истрелани од негова територија. Тоа беше прва размена на оган по завршувањето на Втората либанска војна во 2006. година.