1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израелските напади предизвикаа катастрофална хуманитарна ситуација во Либан

Речиси секој шести жител на таа земја е во бекство. ОН веќе не се во состојба соодветно да им помогнат на бегалците. Западните држави ги евакуираат своите граѓани

Евакуација со бродови и автобуси

Евакуација со бродови и автобуси

Арапската телевизија Ал-Арабија, повикувајќи се на либански владини функционери, денеска известува дека од почетокот на израелските напади од воздух повеќе од 700 илјади од вкупно околу 4 милиони жители на Либан ги напуштиле своите домови. Ситуацијата на бегалците во Бејрут и околината е очајна. На повидок е недостиг од вода, храна и лекови.

ОН засега се’ уште оперираат со бројката од 500 илјади бегалци. Според зборовите на Високиот комесар за бегалци Антонио Гутереш, крајна загриженост предизвикува не само големиот број бегалци, туку и опасната ситуација во која се наоѓаат тие. Од безбедносни причини ОН, според сопствени наводи, повлекле од Либан 445 соработници, чие присуство не било итно неопходно. Редуцираниот персонал, пак, веќе не е во состојба на соодветен начин да им помогне на бегалците, нагласи Гутереш.

Координаторот за хуманитарна помош на светската организација Јан Егеланд за телевизијата ЦНН (Си-ен-ен) оцени: „Ситуацијата е многу лоша. Имаме извештаи за стотици илјади луѓе, кои ги напуштиле своите домови. Тие бегаат во Сирија, во планинските региони на Либан или се обидуваат да најдат засолниште кај пријатели и роднини. Десетици илјади луѓе се веќе засолнати во училишта и во згради на јавни установи“.

Во меѓувреме во тек е евакуацијата на странците од Либан -илјадници луѓе и натаму чекаат на можност да ја напуштат таа земја.

Бројот на Германци кои сакаат да отпатуват од Либан е поголем од претпоставуваното – во изминатите денови, според наводи од германската амбасада во Бејрут, заминаа 700, а денеска на собирното место пред амбасадата се најдоа уште околу три илјади луѓе. Конвој од 50-ина автобуси треба во текот на денов да тргне во насока кон сирискиот главен град Дамаск, од каде со авион луѓето ќе бидат префрлени во Германија. Шест автобуси ќе тргнат кон Турција, каде евакуираните ги чека авион на Бундесверот.

И Белгија своите граѓани ги извлекува од Либан со автобуси во насока кон Сирија.

Израел, кој воспостави и поморска блокада, вети дека ќе дозволи да поминат 20 бродови со странци. Денеска со бродови и хеликоптери треба да бидат евакуирани околу 2400 од вкупно околу 8 илјади американски граѓани колку што ги има во Либан.

На британската кралска морнарица и’ претстои можеби ќе биде најголемата акција за евакуирање по Втората светска војна – треба да бидат префрлени околу 5 илјади Британци. „Првиот брод ќе пристигне денеска, така што сега ќе можеме да извлечеме далеку поголем број луѓе. Во регионот испративме 6 бродови. Во Бејрут имаме и тим за брз евакуација. Ќе сториме се’ што можеме за да ги извлечеме нашите граѓани колку што е можно побргу“ – уверува британскиот премиер Тони Блер.

По морски пат евакуации вршат и Австралија и Франција.