1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израелскиот премиер Олмерт под притисок на домашната јавност

Во последно време се’ погласна е критиката за водењето на 34-дневната војна во Либан во која армијата не успеа да го уништи Хезболах

Ехуд Олмерт

Ехуд Олмерт

Олмерт не сака да попушти под јавниот и медиумски притисок за востановување државна истражна комисија која би ги ставила под лупа можните грешки на владата и на оружените сили за време на војната во Либан. Од крајот на војната пред две недели, тоа пред се’ го бараат многубројни резервисти, членови на семејствата на припадници на војската, како и многубројни весници.

Во Хаифа, градот врз кој за време на војната Хезболах истрела преку 4 илјади ракети и во кој загинаа десетици цивили, премиерот Олмерт рече: „Нема да дозволам армијата да биде на удар. Ние немаме друга армија, немаме алтернатива за неа. Нема да дозволам армијата да биде парализирана со месеци или дури и подолго, само за еден или друг да биде задоволен“.

Две интерни комисии ќе го истражат и оценат однесувањето на владата и на армијата, рече премиерот. „Комисијата треба да го провери начинот на функционирање на владата, нејзиното однесување и донесувањето решенија и се’ што таа смета за потребно“. Во говорот Олмерт рече дека на Хезболах му биле нанесени тешки штети, нагласи дека самиот тој е одговорен за сите решенија. Ситуацијата на северот на земјата била сериозна и ако не реагирал сега, две години подоцна би била далеку потешка.

Набљудувачите се сомневаат дека Олмерт успеа да ги ублажи критичарите и незадоволството кај населението. За тоа јасно зборуваат и првите реакции на политичките противници, од каде со потсмев се коментира решението на премиерот да не прифати независна истражна комисија.

Слично како Олмерт во слична ситуација постапи и некогашниот премиер Голда Меир по војната во 1973-та: таа прво одби востановување државна истражна комисија, потоа попушти кога јавниот притисок стана многу силен – и по неколклу месеци мораше да си замине од функцијата и да свика нови избори.