1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Израелската агресија врз Газа ќе заврши до вечерва

Египетскиот претседател Мохамед Мурси најави дека израелските напади врз Појасот Газа ќе завршат до вечерва, очекувајќи дотогаш да се постигне примирје меѓу двете страни.

„Обидите да се постигне примирје меѓу Палестинците и Израелците ќе доведе до позитивни резултати во следните неколку часа“, најави египетскиот претседател Мохамед Мурси. Како што пренесува египетската новинска агенција Мена, Мурси изразил надеж дека ќе заврши „израелската агресија“ во Газа. Слична изјава вчера даде и египетскиот премиер Хишам Кандил.

Изјавите на двајцата водечки египетски политичари засега не се поткрепени со конкретни информации, иако преговорите меѓу двете страни се во тек. За вечерва е најавено дека во регионот ќе пристигне и американскиот државен секретар Хилари Клинтон и ќе има средби со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со палестинскиот претседател Махмуд Абас, како и со египетските лидери.

Во регионот е и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун кој оцени дека „состојбата е алармантна“ и дека се потребни итни чекори за да се избегне натамошна ескалација.

Mohammed Mursi Präsident Ägypten

Мохамед Мурси

На теренот владее привидно затишје, иако палестинските цивили и натаму гинат во израелски ракетни напади. Израелската влада одлучи привремено да ги стопира плановите за копнена офанзива во Појасот Газа, додека траат преговорите за примирје.

Израелскиот премиер Нетанјаху денеска разговараше во Ерусалим со шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, нагласувајќи дека Израел сака да обезбеди долготраен договор, со кој ќе се спречи криумчарење на ракети на територијата со која владее Хамас.

„Верувам дека Германија може да одигра позитивна улога во пронаоѓањето на решение за судирот засновано на долготраен аранжман, кој ќе обезбеди таковото оружје да не влезе повторно во Појасот Газа“, рече Нетанјаху, нагласувајќи дека повеќе му одговара дипломатското решение и оти се надева на него.

Билансот на загинатите Палестинци надмина 110 лица, а на израелска страна животот го загубија три лица.