1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Изопачената уметност“ го здогледа светлото на денот

Археолозите во центарот на Берлин бараа остатоци од старата Градска куќа од 13 век. Меѓутоа тие неочекувано пронајдоа ремек дела на 20 век кои нацистите ги сокрија сметајќи ги за „изопачена уметност“.

default

Една од пронајдените скулптури во центарот на Берлин

Од вторникот ( 09.11.2010) во берлинскиот Нов музеј секој може да ги погледне делата кои беа пронајдени на почетокот на годината за време на работите на трасата на подземната железница во центарот на Берлин.

Пронајдените 11 скулптури несомнено припаѓаат кон делата кои нацистите по доаѓањето на власт во 1933 година ги прогласија за „изопачени“. Меѓу пронајдените скулптури се дури и дела кои беа дел од познатата изложба „Изопачена уметност“, која по налог на нацистичкиот режим од 1937 година кружеше низ Германија.

Овие дела од 1941 година повеќе никој ги немаше видено и затоа нивното откривање се доживува како своевидна сензација. Архелозите всушност на градилиштето во центарот на Берлин работеа на конзервација на остатоците од старата Градска куќа од 13 век, пред да започне изградбата на новата траса на подземната железница. Но на светлото на денот излезе нешто сосема друго.

Deutschland Ausstellungsführer Entartete Kunst München 1937

Оригиналниот плакат за нацистичката изложба од 1937 година „Изопачена уметност“

16 илјади дела нацистите ги прогласиле за „изопачени“

Еден од работниците најнапред пронајде бронзена скулптура на глава на жена од уметникот Едвин Шарф, која се наоѓаше на „црната листа“ на нацистите. Најнапред археолозите не беа свесни за каков пронајдок станува збор:

„За време на ископувањата ни падна еден предмет кој предизвика метален одзвук. Потоа малку по малку извлековме цела бронзена биста. Скулптурата најнапред беше прекриена со малтер и воопшто не знаевме за што станува збор“, го опишува својот прв контакт со пронајдокот на векот, Матијас Вемхоф, археоог во Покраинскиот завод за археологија.

На помош на колегите им дојде директорката на берлинскиот музеј Георг Колбе, Урсел Бергер, која веднаш го препозна одамна исчезнатото дело на Едвин Шарф. На сензацијата и немаше крај. На истото место имено беа пронајдени уште десет скулптури се’ од ред дела кои се наоѓаа на списокот на 16 илјади дела на класичната модерна и на авангардата кои не се вклопуваа во естетските канони на нацистичката номенклатура.

Во чија сопственост се делата?

Entartete Kunst

Градоначалникот на Берлин, Клаус Воверајт (десно) се воодушевува на една од пронајдените скулптури

Пронајдените скулптури кои досега важеа за изгубени во виорот на војната исчезнале во 20 и 30 години на минатиот век и меѓу нив се наоѓаат дела на познатите предвоени германски припадници на авангардната уметност, Ото Баум, Густав Хајнрих и Карл Кнапе. Станува збор за уметници кои сведочат за една од најзанимливите, но и најмрачни етапи на германската историја.

Веднаш по откривањето за какви дела станува збор се разбира беше покренато и прашањето за сопствеништвото. Градоначалникот на Берлин пред чија канцеларија всушност и беа пронајдени засега се грижи за тоа прашање:

„Мислам дека станува збор за јасна правна ситуација. Делата сега се сопственост на сојузната покраина Берлин. Останатото може да се реши дополнително. Најважно е дека скулптурите повторно се откриени и мислам дека тоа е уникатна ситуација и во моментов можеме да бидеме среќни оти воопшто можеме да и ги покажеме на јавноста“, заклучи градоначалникот на Берлин Клаус Воверајт.

Автор: Јирген Кениг/ Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фидановска