1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Изненадување од Вашингтон

САД ја избришаа Северна Кореја од списокот на држави-поддржувачи на теророт. Решението веднаш стапи на сила. Клучно за негово донесување беше ветувањето од Пјонгјанг дека ќе прифати инспекции на атомските постројки.

default

Атомската постројка Јонгбијон во Северна Кореја

САД и Северна Кореја постојано го нагласуваа принципот на меѓузависност: само ако едната страна се придржува кон своите обврски, другата би била подготвена да го направи наредниот чекор. Лани, во февруари, на шестпартитните преговори беше постигната согласност комунистичката Северна Кореја да се откаже од атомската програма, а за возврат да добие испорака на енергија и друга помош. Но, на обете страни постојано доаѓаше до одложувања, а од пред неколку недели се појавија и шпекулации околу тоа кој ја има власта во Северна Кореја, откако подолго време го немаше во јавноста авторитарниот властодржец, Ким Јонг Ил. Во саботата, портпаролот на американското министерство за надворешни работи, Шон Меккормак ненадејно објави: „Врз основа на најновите договори и фактот дека Северна Кореја ги исполни критериумите, изутрината министерството за надворешни работи ја повлече ознаката за Северна Кореја како држава која го поддржува теророт.“

Северна Кореја е на листата на поддржувачи на теророт од 1988-ма година

Повод за ставање на Северна Кореја на листата на земји поддржувачи на теророт, беше бомбашкиот напад врз еден јужнокорејски патнички авион. Од 1994-та, САД и Северна Кореја преговараат за напуштање на атомската програма на комунистичката земја. Тие преговори од 2003-та година се водат во рамките на шестпартитните средби, иако претседателот Џорџ Буш една година пред тоа ја означи Севрна Кореја како дел од таканаречената „оска на злото“. Во 2006-та таа изврши наводно успешна подземна експлозија на атомска бомба. Тој потенцијал на закани осиромашената Северна Кореја постојано го користи за да изнуди отстапки од САД и светот.

„Северна Кореја искажа подготвеност да продолжи со работа за разградување на атомските псотројки. Тоа докажува дека системот ’ акција за акција‘, врз основа на кој се водат шестпартитните разговои, е ефикасен“, нагласи Шон Меккормак.

До пред две недели ситуацијата изгледаше сосема поинаку

Северна Кореја објави дека ги става во погон атомските постројки и им забрани пристап на експертите на САД и од Меѓународната агенција за атомска енергија. Потоа, ненадејно, во Пјонгјанг отпатува специјалниот американски пратеник, Кристофер Хил, кој очигледно постигна согласност за проверка на денуклеаризацијата на земјата. Ова, пак, доведе до нејзино бришење од листата на земји-поддржувачи на теророт. Сега Северна Кореја, постојано во минатото зафаќана од катастрофи со глад на населението ,повторно има пристап до програмите за помош на меѓународните организации.