1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Изненаденост и незадоволство

Судската одлука за затворска казна за поранешниот премиер и министер за одбрана, Владо Бучковски е доказ дека судството е под големо влијание на политиката, реагира опозицијата. Пратениците од власта не коментираат.

default

Владо Бучковски

Владо Бучковски е првиот премиер во Македонија, кој е осуден на затворска казна. Основниот суд Скопје 1, вчера пресуди дека Бучковски е виновен за корупцискиот скандал околу набавката на резервни делови за тенковите на АРМ, во периодот кога тој беше министер за одбрана. Бучковски заработи казна затвор од три ипол години. Истата пресуда му беше изречена и на Методи Стамболиски, поранешниот началник на Генералштабот на АРМ. Судот смета дека обвинетите ја злоупотребиле својата позиција и ја оштетиле државата за околу 2,4 милиони евра. На затворски казни од по три години се осудени уште двајца службеници во министерството за одбрана и директорот на фирмата од која се купени деловите. До правосилноста на одлуката, обвинетите ќе бидат на слобода.

Остри реакции од опозицијата

Пратениците во парламентот од редовите на опозицијата се незадоволни од одлуката на судот и во неа гледаат потврда дека судството во земјата сеуште не е независно и ослободено од политички притисоци. Пратеникот од Либералната партија, Стојан Андов смета дека казната е престрога. Тој речиси бил убеден дека судот ќе донесе ослободителна пресуда. Неговиот колега од редовите на Либерално демократската партија, Јован Манасиевски, поранешен министер за одбрана и самиот обвинет за злоупотреба на функцијата е уште поостар во коментарот. Тој предупредува дека судството е под силен притисок на извршната власт. Ваквите судски процеси според него се водат со големи пропусти и повеќе се насочени кон политичка сатанизација и освојување трофеи, отколку реално судење.

Buckovski - Justiz

Поддршка од сопратијците уште на почетокот на процесот

Пратениците од редовите на владеачката ВМРО-ДПМНЕ засега се воздржани. Матичната партија на Бучковски, СДСМ, допрва треба да го соопшти ставот за случајот. Во меѓувреме повторно се огласи Владо Бучковски, кој изјави дека добил голема поддршка од пријатели и сопартијци да издржи и да верува во правната држава. Бучковски забележува дека на своја кожа го почувствувал начинот на кој денеска функционира правната држава во земјата. Горчината за него е уште поголема што на денот на човековите права, тој почувствувал дека во Македонија нема елементи за остварување на неговото право на правично судење. Бучковски е обвинет дека за време на извршување на функцијата министер за одбрана набавил прекумерно количество на резервни делови за тенковите на АРМ.