1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Изнајмување на приватниот автомобил - тренд во Германија

Еден впечаток од преполните автопати во Германија е дека секој е постојано во својот автомобил. Но има и такви чии возила со денови стојат на паркинг-местото. Меѓутоа и за нив сега има едно германски практично решение.

Барбара Браун од Бон го средува својот автомобил, оти секој миг треба да дојде некој, кој сака да го изнајми за неколку денови. На Барбара не и’ пречи што други луѓе го возат нејзиниот автомобил, а самата ретко има потреба да го користи. Возел-не возел - автомобилот прави трошоци за осигурување, данок, ситни поправки.

„Сметам дека е добро, важно и правилно мојот автомобил да биде возен, а не само да стои во место. Оти, кога стои чини пари и никому не користи, а сепак е предмет за употреба. Затоа сметам дека е добро колку што е можно повеќе луѓе заеднички да користат колку што е можно помалку автомобили“, вели Барбара.

Гледај видео 02:18

Погледнете го видеото!

Заедничко користење на приватни автомобили е нов тренд во Германија. Понудата и побарувачката се одвиваат преку интернет, каде има повеќе специјализирани сајтови. Заинтересираните испраќаат СМС-порака. Еден од оние што го изнајмиле автомобилот на Барбара Браун е и Роланд Велензон. Тој живее во центарот на Бон, најчесто вози велосипед и не сака да има сопствен автомобил. Но, сега мора да оди во Луксембург. Пред предавањето на возилото се бележат состојбата на километражникот, на резервоарот и оштетените места.

Изнајмувањето приватно возило е поевтино отколку кај професионалните рентакар-служби. Роланд Велензон плаќа 26 евра дневно. Од нив 15 добива Барбара, а 11 се наменети за специјално осигурување за вакви изнајмувања. Од таму се надоместува штета, ако биде предизвикана, а нема последици за нејзиното осигурување на возилото. Тоа, пак, придонесува и изнајмувачот да се чувствува поопуштен.

„Би можел без задршка да го препорачам ова. И јас би го правел истото, кога би имал автомобил.“, вели Роланд Велензон.

Аудио и видео прилози на оваа тема