1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Изнајмени работници: модерни робови или спасители на економијата?

Во Германија компаниите се‘ почесто вработуваат изнајмени работници. Тие евтини работници на одредено време на компаниите им помагаат да реагираат на поголема побарувачка.

Во фирмите за изнајмување работници во Германија моментално се регистрирани околу 900.000 луѓе. Со допуштањето „нивните вработени да ги изнајмат на други“ тие фирми би требало да им помогнат на компаниите кога им се краткорочно потребни работници. Идејата на политиката била германската економија да може пофлексибилно да реагира на промените на конјунктурата. И истовремено невработените би требале преку работата во фирмите за изнајмување работници повторно да можат да дојдат до постојано вработување. Таква е барем теоријата.

Во пракса некои од компаниите воочија огромна можност да заштедат со ангажирањето на изнајмените работници во однос на нивните постојано вработени. Особено фирмите во областа на логистиката и трговијата се обидуваат да го намалат бројот на постојано вработени и да ангажираат изнајмени работници. Трговскиот синџир Шлекер, кој во меѓувреме пропадна, ги отпушташе постојано вработените и се обидуваше повторно да ги вработи за 30 проценти помала плата. Таквата пракса е во меѓувреме со закон забранета. Но најголемиот проблем е во тоа што се’ повеќе помошен персонал се вработува преку фирмите за изнајмување работници.

Дури 34 проценти работа во тие области ги извршуваат изнајмени работници. На луѓето кои работат преку фирмите за изнајмување работници не им е потребно посебно образование. Тие помагаат на градилишта, редат рафтови во продавниците, во складишта редат стока на палети. И соодветно на тоа кон нив се однесуваат без почит.

Не можат да го прехранат семејството

Она што изнајмените работници го кажуваат за својата состојба, главно анонимно поради страв, звучи како приказна за модерно ропство. На пример, тие за време на пробниот рок не добиваат никаква плата, а често и никаков договор пред почетокот на работата. Немаат ниту одредено работно време. А работодавачите очекуваат дека изнајмените работници се подготвени да работат за викенд и за празници.

Рајнер е школуван градежен надзорник. Една година работи во една фирма за изнајмување работници. Таа го изнајмила на една градежна фирма. До 14 часа на ден морал да работи тешка физичка работа, често без заштитна облека. И тоа за 5 евра на час. Тоа било можно поради еден договор со компанијата со која се заобиколуваат бројни законски прописи. „Моето чувство на самопочитување е во меѓувреме на нула“, кажува Рајнер. Работата го отежнува фактот дека со работата не заработува доволно за да го прехрани семејството. Затоа во Сојузната агенција за вработување мора да бара месечен додаток, за да може да преживее. Германија субвенционира изнајмени работници како што е Рајнер со околу 500 милиони евра годишно.

Можен пат до постојано вработување

Од друга страна, многу изнајмени работници во сериозните компании уживаат социјална сигурност како при трајното вработување, кое нормалниот пазар повеќе речиси воопшто не ја нуди. Тука се и додатоците за годишен одмор, празници, заштита од отказ и 30 дена годишен одмор. „Јас по проблемите со 'рбетот морав да престанам да работам“, раскажува Роланд Зајберлих. „Како изнајмен работник добив нова шанса“, кажува овој автомеханичар, кој сега работи како возач на вилушкар.

И канцеларискиот администратор Саша Ајзенхут ги гледа главно позитивните страни на изнајмувањето работници. „Човек може да испроба повеќе фирми за да ја најде својата омилена област на работење.“ Освен тоа, постои можност компаниите во кои работи да го преземат изнајмениот работник. Институтот за економија во Келн потврдува дека околу 25 проценти од изнајмените работници последните години добиле трајно вработување.

Моментално браншата за изнајмување работници со два сојуза на работодавачи работи на подобрување на состојбата. Веќе постојат построги законски прописи, прифатен е и Кодекс на честа, Сојузната агенција за вработување спроведува построги контроли. Во моментов се работи на одредбата за еднакви примања за еден час работа како за трајно вработените, така и за изнајмените работници, доколку работат иста работа. Освен тоа, веќе во сила стапи одредбата најниската надница за помошните работи да изнесува 8,19 евра на час.