1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Измина тешка година на песимизам - оптимизмот насочен кон 2014

Македонија зад себе остави една година на политичка и интегративна стагнација и тешка економска година, која стопанството ја помина во постојан грч за преживување.

Измина уште една тешка година за стопанството, политиката, интегративните процеси. Во услови на незаздравена светска економија и последиците што таа ги рефлектира, властите сметаат дека Македонија уште еднаш успешно и жилаво се справила со предизвиците на економски план. Како доказ за тоа ги посочуваат оценките на релевантни меѓународни институции.

„Македонија е рангирана меѓу десетте економии со најголеми подобрувања во леснотијата за водење бизнис“, оцени Светска Банка, додавајќи дека во земјата се спроведени шест регулаторни реформи кои им го олесниле водењето бизнис на претприемачите. Македонија е на 43 место од вкупно 177 земји на листата на индексот на економски слободи за 2013 година, според резултатите од истражувањете на американската фондација „Херитиџ“ и весникот „Волстрит џурнал“, што ја прави најдобро позиционирана меѓу земјите во регионот, а на 21 место меѓу европските држави.

Намалување на невработеноста

Премиерот Груевски за најголем успех во 2013 година го смета намалувањето на невработеноста, која од над 30 отсто сега е намалена на 28,7 проценти. За опозицијата тој процент не е реален, бидејќи смета дека е постигнат со административно бришење на невработените од евиденцијата. На владините бројки не им веруваат ни светските медиуми. Поради невработеноста од 30 проценти, неодамна Си-ен-ен ја смести Македонија меѓу топ петте најлоши економии во светот, а лондонски „Економист“ во групата земји во кои во 2014 година постои висок ризик од социјални немири.

Но, податоците зборуваат дека на планот на вработувањата, сепак, има придвижување. Според директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони, Виктор Мизо, бројот на вработени годинава во зоните достигна 2.500, за разлика од лани кога беше 1.270. Проекцијата за 2014, само од постоечките капацитети, е 3.500 вработувања.

Владејачката ВМРО-ДПМЕ соопшти дека со активните политики на Владата за вработување, се отвориле 30.524 работни места. Освен вработувањата во фабриките во слободните зони, со мерките за самовработување се отворени 5.798 работни места, со субвенционирање на Агенцијата за вработување 4.807 места, со мерката „Обука за познат работодавач“ 6.591, со „практикантство“ 759 вработувања и со „едукација за лични бизниси“ 1.914 работни места. „Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, работела, работи и во иднина ќе продолжи да работи со засилено темпо, со цел уште поголемо намалување на невработеноста“, најавува владејачката партија.

Импулс за стопанството

Работа сакаат и стопанствениците, на кои 2013 година им помина во грч за преживување и изнаоѓање нови пазари. Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, 2013 ја оцени како тешка година за стопанството, но како една од најдобрите во однос на соработката со Владата: договорено е расчистување на долговите со ДДВ, финансиска поддршка преку кредити од ЕИБ и вложување во инфраструктура.

„Во последниот квартал почнал да се буди оптимизмот кај стопанствениците, поради заживување на економските активности кај петте најзначајни надворешно-трговски партнери, што е сигурен идникатор за македонските бизнисмени дека ќе дојде до зголемување на нарачките, а со тоа и придвижување на македонската економија. Стратегиско прашање е во 2014 година да се отвори прашањето за носење на закон за поттикнување на домашните инвеститори, со тоа тие да добијат државна поддршка во тој процес и да ги продолжат своите инвестицискии активности“, изјави Азески.

Барањето е сосема разбирливо, ако се земе предвид податокот дека од компаниите-инвеститори кои работат во технолошко-индустриските развојни зони „Штип“, „Скопје 1“ и „Скопје 2“, извозот што го реализираа до крајот на годината се очекуваше да биде над 760 милиони евра.

„Во наредната година (2014, н.з.) се очекува тој извоз да се зголеми за 50 отсто и да достигне до 1,2 милијарди евра. Потенцијално, учеството на извозот од индустриските зони во вкупниот македонски извоз може да биде една третина“, изјави Мизо.

Во моментов најзагрижувачки податок е зголемувањето на јавниот долг. Заклучно со октомври Јавниот долг на Централната влада се искачи на 34,5% од БДП, што претставува највисоко ниво од 2005 година досега. Премиерот Груевски уверува дека и со сегашните параметри Македонија е меѓу најниско задолжените земји во Европа, но економистите предупредуваат дека оваа проблематика мора да се гледа низ призмата на капацитетите на македонската економија за финансирање на буџетските дефицити и кондицијата за нормално сервисирање на јавниот долг, имајќи ги предвид слабите извозни перформанси на македонската економија. На истекот од оваа година, Светска банка даде позитивна оценка за економската состојба во земјата, но предупреди на темпото на создавање на јавниот долг и упати на негова контрола.

Стагнација во интеграциите

На политички и интеграциски план зад Македонија останува една година на целосна стагнација. Санирањето на последиците од настаните на 24 декември претходната година, одзеде многу политичка енергија и време. Од Договорот од 1. март до усвојувањето на Извештајот на ад- хок Комисијата за 24. декември кон крајот на август, помина точно половина година, време кое партиите јалово го потрошија во утврдување на своите непопустливи позиции. Стево Пендаровски, универзитетски професор и аналитичар на политичките и интегративните процеси на Македонија, вели дека Македонија како држава во 2013 година ја достигнала најниската точка од својата независност до денес, по сите параметри - економија, демократија, интеграции.

„Државата на политички затворници, со најголем пад на медиумските слободи и најмалку инвестиции на Балканот не е само надворешно блокирана. Повеќе ме загрижува внатрешната блокада во која власта нема продуктивен дијалог практично со две третини од општеството. Не се согласувам со тезата дека внатрешното гниење е само заради грчката блокада. Очигледно е дека демократскиот капацитет на владејачката структура е лимитиран и тука многу нема да помогне евентуалното почнување преговори со ЕУ. Унгарија и до неодамна Италија, се само последни примери на европски држави во кои наместо власт на институциите, имавме власт на поединец. Две работи се неодходни: прво, одмрзнување на билатералните односи со САД и со трите големи земји-членки на ЕУ, и второ- релевантните политички субјекти да ги реафирмираат државните стратегиски приоритети во сега веќе битно изменетиот регионален контекст, во кои сите напредуваат, освен ние и БиХ. Тоа подразбира обид за најширок можен политички и меѓуетнички консензус за тоа дали остануваме на евроатлантската патека или не. Јас сум прилично резервиран дека тоа ќе се случи. Сѐ додека македонската власт ја смета опозиција за анационална, се дотогаш грчкото претседавање со ЕУ за нас е ирелевантно. Нам очајно ни требааат добри вести од Скопје, ако чекаме добри вести од Атина ќе се изначекаме“, вели Пендаровски.

Посеано ли е семето?

Договорот со Русија за крак од гасоводот „Јужен поток“ и потпишаниот договор со Кина вреден 580 милиони долари наменети за изградба на две автопатски делници, можеби фрлаат поинакво светло за „насоката“ што ја избрала Македонија. Но, според економистите, во силниот процес на глобализација, интересот за интеграцијата не смее да се оценува преку интересите во економијата. Секоја земја мора да го шити својот економски интерес, за да ги оствари зацртаните цели.

Македонската влада во наредната 2014 очекува нови инвестиции, вети зголемување на пензиите и на социјалната помош во март за пет отсто, а исто толкаво зголемување и на платите во декември. Во 2014 не е планирано зголемување на даноците.

Македонија во 2014 ја очекуваат претседателски избори, а не се исклучени и предвремени парламентарни во истиот период.

Граѓаните сѐ почесто го поставуваат прашањето – кога Македонија ќе тргне напред? Ќе се случи ли тоа во 2014? Колку долго ќе „патуваме“ до Брисел? Македонски професор по филозофија има алегоричен одговор на ваквото прашање: „Многу симболична е приказната за чудото на кинескиот бамбус. Кога ќе се засее семето на тоа дрво, во наредните четири години не се гледа апсолутно ништо, освен мал израсток од неколку сантиметри. Но, за целото тоа време растението си развива масивен коренов систем, кој проникнува и се зацврстува длабоко во земјата. А во петтата година дрвото одеднаш ќе израсне и тоа за повеќе од дваесет метри! Ако се засее семето, дрвото еден ден, секако ќе израсне. Чудото се случува кога не се пропуштаат малите чекори“.