1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Измешани чувства за Нобеловата награда за ЕУ

Европската унија ја доби Нобеловата награда за мир за нејзината улога во обединувањето на континентот. Во наградата многумина гледаат морална поддршка за надминување на должничката криза. Но, не сите се одушевени.

ЕУ го трансформираше поголемиот дел од Европа „од континент на војните во континент на мирот“, оцени претседателот на Нобеловиот комитет Торбјорн Јагланд, соопштувајќи го добитникот на наградата во Осло.

„ЕУ во моментов се соочува со големи економски потешкотии и значајно социјално незадоволство. Норвешкиот Нобелов комитет сака да се фокусира на најзначајниот резултат на ЕУ: успешната битка за мир и помирување, демократија и човекови права“, рече Јагланд.

Наградата донесе спротивставени реакции низ Европа. Додека германските и француските политичари не го кријат своето одушевување, традиционално евроскептичните Британци се воздржани, додека обичните луѓе во задолжените земји како Шпанија и Грција сметаат дека некој се шегува со нив.

Берлин и Брисел пресреќни

Во Германија, која се смета за една од движечките сили на ЕУ, политичарите побрзаа да го пофалат изборот.

Finnland EU Norwegen Friedensnobelpreis 2012 an EU Herman Van Rompuy in Helsinki

Херман Ван Ромпој

„Ова е важна и вистинска одлука на Нобеловиот комитет и големо охрабрување за луѓето во Европа“, соопшти поранешниот германски канцелар Герхард Шредер. Актуелната канцеларка Ангела Меркел ја поздрави одлуката како „прекрасна“.
„Нобеловиот комитет ја поздрави идејата за европско обединување“, изјави Меркел.

Слична беше реакцијата и на официјален Париз. „Преку оваа награда секој Европјанин може да се чувствува горд дека е дел од Унија која успеа да донесе мир меѓу народите и да создаде заедница врз основа на демократија, слобода и солидарност“, изјави францускиот претседател Франсоа Оланд.

Слично е расположението и во Брисел каде водечките луѓе на Унијата и на Европската Комисија не го кријат одушевувањето.

„Ова е голема чест за целата ЕУ и за нејзините 500 милиони жители“, соопшти преку својот Твитер профил, претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо. Еднакво еуфорични во честитката се и шефицата на ЕУ дипломатијата Кетрин Ештон и претседателот на Европскиот Совет, Херман Ван Ромпој.

„Многу сме горди што напорите на ЕУ за зачувување на мирот во Европа се наградени“, соопшти Ван Ромпој.

Скепса и црн хумор

Британците, традиционално, не ги поделија истите чувства како овој дел од континентална Европа. Најџел Фариџ од евроскептичната УКИП партија изјави дека „наградата покажува оти Норвежаните навистина имаат чувство за хумор“.

Високиот функционер на опозициската Лабуристичка партија, Ед Болс, пак иронично забележа:

„Ќе слават вечерва во Атина, нели?“

А токму во државите кои се зафатени од должничката криза граѓаните се шокирани од одлуката.

„Дали е ова шега. Ова е последното нешто кое го очекував. Тие се шегуваат нас. Ова само ќе ги разлути луѓето“, вели 36-годишната Хрисула Панајотиди од Атина која пред три дена останала без работа.

Во Мадрид, Франсиско Гонзалес е еднакво затечен.
„Не гледам логика за ЕУ да добие ваква награда. Тие не можат ни меѓу себе да се договорат“, вели овој 62-годишен бизнисмен.