1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Измама со монети ја оштети Бундесбанката за милиони евра

Банда која ги составувала повторно веќе уништените евро-монети ја оштети Бундесбанката за околу 6 милиони евра. Затворени се пет, а притворено едно лице.

default

Обвинителката во Франкфурт Дорис Мелер-Шој денеска (31.03) соопшти дека во рација во регионот на реките Рајна и Мајна, како и во Фулда, вчера бил извршен претрес на десет станови и фирми. Обвинителството ги потврди наводите на весникот „Билд“, кој пишува дека обвинетите преку соучесници, успеале во Германија да вратат евро-монети кои претходно биле уништени. Потоа, тие монети успевале да ги заменат во Бундесбанката за важечки пари, пријавувајќи ги како оштетени. Се претпоставува дека бандата ги спојувала повторно веќе уништените евро-монети, кои се делеле на делови во Европа, а потоа како отпад од монети се продавале во Кина.

Обвинителството претпоставува дека станува збор за 29 тони монети од едно и две евра, кои во периодот меѓу 2007 и ноември 2010 година се внесле во Германија. „Бундесбанката е единствената централна банка во Европа која бесплатно ги заменува оштетените монети и ја исплаќа целата вредност“, објаснува обвинителката Мелер-Шој.

Поделените евро-монети биле повторно составувани и заменувани за важечки пари

Поделените евро-монети биле повторно составувани и заменувани за важечки пари

Запленети три тони делови од монети

При рацијата, обвинителството, според сопствени наводи, покрај документи и компјутери, запленило и околу три тони делови од монети и една машина за нивно повторно составување. „Билд“ напиша дека е направен претрес на канцеларии во Бундесбанката и во Луфтханза. Повторно составените евро-монети, или делови од монети, според досегашните сознанија биле повторно внесувани во Германија преку четири стјуардеси. Багажот на стјуардите и стјуардесите не подлежи на правилото за органичување на тежината што смее да се внесе во авионот. Потоа, стјуардесите ги носеле повторно составуваните монети, измешани и со важечки монети, во Бундесбанката на размена. Четири од уапсените шест лица се со кинеско потекло, изјави Мелер-Шој. Тие се на возраст меѓу 28 и 45 години и ќе одговараат за измама и пуштање во промет фалсификувани пари. Портпарол на Бундесбанката потврди дека има истрага за целиот случај, но во обвинителството се вели дека засега нема сомневање за вмешаност на луѓе од Бундесбанката во целата измама.

Автор: ЕМФ/ЖА/ртр/дапд

Редактор: Симе Недевски