1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Изградбата на источна Германија не е завршена

Германската влада смета дека се остварени напредоци во изедначувањето на условите за живот меѓу источниот и западниот дел од земјата, 24 години по обединувањето. Но, разлики и натаму остануваат.

default

Сојузниот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих и Кристоф Бергнер, ополномоштеникот на владата за прашања на Истокот

Една од целите на политиката во Германија е изедначување на условите за живот на целата територија, посебно по германско-германското повторно обединување во 1990. година. Т.н. пет нови покраини од територијата на поранешната Германска Демократска Република има сериозни проблеми поради планската економија. Тогашниот канцелар Хелмут Кол вети брзо изедначување - „расцутени пејсажи“, но долго време масовната невработеност, иселувањето и деиндустријализацијата ставаа печат на сликата за Истокот на земјата.

Владата се обврза на редовно изестување за „состојбата на обединувањето“. Во најновиот извештај за 2013. година, првпат произлегува позитивна порака, на луѓето во источниот дел им е толку добро колку никогаш досега.

Истокот се разубави

Од 1990. година Истокот загуби еден милион жители, 13,5 проценти. Многумина мораа да се отселат на Запад за да најдат работно место.

„Ова негативно иселувачко салдо е запрено“, изјави Кристоф Бергнер, ополномоштеникот на владата за прашања на Истокот, при вчерашното претставување на извештајот за состојбата на обединувањето. Иселените Германци на возраст меѓу 30 до 40 години дури засилено се враќаат дома, во источните покраини. Многумина се согласуваат и на помали приходи, зашто сакаат да бидат со фамилиите и пријателите. Можеби причината е нивната приврзаност кон родните места, но и очекувањата. Според Пиза-студиите, учениците од источниот дел имаат подобри резултати. Очекуваната должина на животниот век е изедначена, зашто е подобрена здравствената заштита и загадувањето на околината.

Gemeinschaftswerk Aufschwung Ost in Magdeburg

Помошта ќе продолжи да се слева

И други фактори влијаат на салдото на иселување. Добро опремените факултети и универзитети привлекуваат се‘ повеќе студенти од Западна Германија. Градот Герлиц во меѓувреме е место каде се доселуваат пензионери од западниот дел од Германија. Убавата природа и богатата културна понуда се фактори кои влијаат на нивната одлука.

Западот е посилен

Но, економските бројки зборуваат друго и се причина „процесот на заздравување да продолжи“, како што истакна министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих. Просечниот приход и натаму на Исток е понизок, изнесува 71 процент од оној во западна Германија, платите пак - 80 проценти. Во некои региони невработеноста и натаму е со двоцифрена стапка, а не се изедначени ниту пензиите. Ниедно од 100 германски врвни претпријатија нема главно седиште во источна Германија.

Сепак, индустријата во меѓувреме е оспособена за меѓународна конкуренција, тврди министерот Фридрих.

„Изградбата на Истокот не е завршена“

„Динамиката на развојот е гигантска“, вели Фридрих речиси еуфорично, фалејќи го меѓународниот висок удел во класичната преработувачка индустрија во источна Германија, модерната инфраструктура, сообраќајната мрежа. Западна Германија може да учи од искуствата на демографските промени во источниот дел, истакнува Фридрих.

Разликите во развојот меѓу западниот и источниот дел сепак остануваат, дури и се зголемуваат. Луѓето на Истокот имаат подобрен живот, но остануваат многу структурни нееднаквости. Фридрих и Бергнер со нетрпение очекуваат на решенијата кои се однесуваат на оваа тема кои ќе произлезат од коалиционите преговори, како на пример за единствената минимална плата на територијата на цела земја.