1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Изгор грејна сезона

Денеска официјално стартува грејната сезона. Граѓаните ќе добијат топли домови, но и главоболки поради високите цени и новиот правилник за топлинска енергија.

На стартот на досега веројатно најскапата грејна сезона македонските граѓани се револтирани и збунети. Не само од високите цени на парното и струјата, туку и поради најновите правилници со кои и исклучените од системот на Топлификација ќе мора да плаќаат месечен надомест или, пак, да се исклучат, но доколку добијат согласност за тоа од станарите.

„Не знам можеби на струја ќе се греам, а не само јас, 50 или 60 проценти од луѓето ќе преминат на струја... До лани се греев на парно, а сега се греам на струја... Не, ова е неиздржливо, тоа е монопол и Владата е виновна што така се однесува. Како може така?! Нека е донесена одлука, јас нема да плаќам и сум кажал дека нема да плаќам. На основа на што да плаќам десет денари од квадрат. На пример, 50 квадратни метри ми е станот и јас треба да плаќам 500 денари месечно. А, за што ги давам тие пари“, реагираа во анкетата на Дојче Веле жителите на скопската општина Карпош.

Deutschland Kalte Tage Kind auf der Heizung

Греењето станува луксуз

Од Топлификација велат дека подготвено ја стартуваат грејната сезона. Согласно новиот правилник ќе им наплаќаат и на оние кои се исклучиле од системот, изјави за Дојче веле Христо Кировски, раководител во Топлификација.

„Вкупно во топлификациониот систем има исклучено околу 10 проценти од приклучените на топлификациониот систем во град Скопје, што некаде во бројки изнесува пет до шест илјади исклучени корисници, а се’ уште во системот се околу педестина илјади. Исклучените граѓани ќе добиваат сметки секој месец, исто како и приклучените. Висината на сметките е дефинирана со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и на крајот на годината во декември се прави порамнување од потрошената топлинска енергија и тоа порамнување ќе ги дефинира и тие сметки. Истото ќе важи и за наредната сезона, односно во мај, јуни и јули кога исто така се врши порамнување на сметките“, објаснува Кировски.

За одредбите од правилникот за топлинска енергија, што ги обврзува граѓаните да плаќаат и доколку се исклучени од системот и пред неколку години, поденесена е иницијатива до Уставниот суд за нивно укинување.

Tropenholz

Граѓаните се преориентираат кон греење на дрва и на струја

Во вакви услови, дрвото како средство за греење станува се побарано. Посебно по владината одлука да се намали за десет проценти неговата продажна цена. Продажбата е зголемена за 10 до 15 проценти, а само во Скопје дневно се продаваат по 700 метри кубни дрва. Проблеми има со испораката, но корисниците ќе бидат навреме снабдени, вели за Дојче веле директорот на Јавното претпријатие Македонски шуми Жарко Караџоски. Набавките според него се вршат секојдневно од сите делови на земјата. Караџоски реагира дека не се точни информациите дека поради намалената цена, дрвата ги нема, туку напротив. Мал проблем е испораката во овој период, но наскоро и тоа ќе се надмине, вели тој.

Последниве години греењето станува вистински луксуз за граѓаните кои поради високите цени се принудени да бараат алтернативи. Како мерка за штедење Топлификација им нуди поставување на мерачи на секој радијатор што чинат по околу 50 евра, но само доколку на ова се согласат 80 проценти од станарите. Експертите сугерираат вградување на алтернативни системи и инвестирање во енергетски ефикасни градби, што во старт е скапо, но на долг рок сепак би донело заштеди.