1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Изгаснат пожарот кај манастирот во Мала Речица

Вчеравечер (31.01) избувна пожар пред влезот во манастирот „Св. Ѓорѓија“, во тетовската приградска населба Мала Речица. Ова е втор пожар во верски објект за само неколку дена. Политичарите бараат смирување на страстите.

default

Црквата „Свети Ѓорѓија“ во фаза на обнова

Жителите на Мала Речица го пријавиле случајот во тетовската противпожарна единица, а до нејзиното доаѓање жителите сами го гаснеле огнот. Од пламенот биле зафатени старите греди на влезот во манастирот.

Портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифовски изјави дека сторителите зеле стари врати и други дрвени предмети и ги запалиле од надворешната страна на објектот, покрај прозорците. Од огнот се оштетил и надворешниот ѕид, рамката на прозорецот и стаклото.
Манастирскиот комплекс „Свети Ѓорѓија“ во тетовска Мала Речица беше целосно опожарен за време на воениот конфликт во 2001 година, а неговата обнова започна кон крајот на 2010 година, при што од страна на месното албанско население немаше никакви проблеми.

Der Fluss Crni Drim bei Struga in Mazedonien

Струга

ВМРО ДПМНЕ и ДУИ повикаа на смирување на тензиите

За неколку дена ова е второ палење на верски објект во Македонија, по црквата во струшкото село Лабуништа. Вчера двете владејачки партии ВМРО ДПМНЕ и ДУИ ги осудија настаните во струшко, кои можат да влијаат на меѓуетничките односи во Македонија. Коалициските партнери на заедничка средба ги анализираа последните случувања во државата, а по неа објавија и заедничкото соопштение, во кое се потенцира значењето на градењето и унапредувањето на меѓуетничкото и меѓуконфесионалното разбирање и почитување помеѓу граѓаните на Република Македонија.

„Меѓуетничкото, а особено меѓуверското почитување има долга традиција во Република Македонија. Затоа не смееме да дозволиме поединечни провокации на спортски натпревари, културни манифестации, но и вандалски акти врз верски објекти да ги нарушат, ниту смееме да дозволиме да бидат повод за внесување на дополнителна недоверба и непочитување кон државните симболи“, стои во соопштението од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ.

Во него се повикуваат сите граѓани „да не подлегнуваат на провокациите и да ја сочуваат ладнокрвноста и со тоа да придонесат кон сочувување на соживотот“ во Македонија.

Со слична порака од Турција се огласи и премиерот Никола Груевски, кој побара од политичките партии да не ги користат овие случувања за политички маркетинг и подгревање на тензијата.

Автор: Александар Методијев / СН/ миа/макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска