1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Извозот - последна надеж за фирмите од јужна Европа

Поради должничката криза на бројни претпријатија на југот на Европа значително им опадна прометот. Компании во Грција, Шпанија, Италија бараат нови пазари. Некои од нив и ги наоѓаат.

Од почетокот на економската криза леарницата на бронза Агакос од Солун мораше да издржи двоен удар: трошоците се зголемија, а приходите драматично опаднаа, вели Николаос Ангелидис. „Трошоците пораснаа: струјата, даноците, се’. А нашиот промет е речиси преполовен.“

Бронзените делови од компанијата Агакос им се потребни пред се’ на производителите на машини и на фабрички погони. Со оглед на тоа дека во Грција такви нема многу, Агакос половината од својот промет го врши со клиентите од странство. Но, тие се се’ повнимателни и се прашуваат дали воопшто да соработуваат со грчка фирма, напоменува Ангелидис. „Тие кажуваат: Ни се обраќа грчка фирма. Да работиме со неа? Или подобро не? Во оваа криза никој не знае што ќе се случи утре.“

Прашање на доверба

Hannover Messe 2013 Nikolaos Angelidis

Николаос Ангелидис од грчката леарница за бронза Агакос

Сомничавоста на бизнис партнерите ја познава и Матијас Хакершмит. Овој Германец работи во секторот на продажба и финансии во грчката алуминиумска леарница Виорал. Многу клиенти од електроиндустријата и автомобилската индустрија едноставно се плашат дека со сопирањето на испораката на една грчка фирма би бил прекинат и нивниот производен синџир, кажува тој. „Но, ние ги уверивме повеќето од нив да продолжат да соработуваат со нас и да ни веруваат“, тврди Хакершмидт. „Им ги покажавме нашите бројки, нашите биланси. Бевме во потполност искрени. Верувам дека тоа е причината зошто повторно релативно брзо се снајдовме на пазарот.“

Така на оваа семејна компанија со 45 вработени и‘ успеа да го ограничи падот на прометот на помалку од 20 проценти. Во кризата како голема предност се покажа тоа што Виорал целото свое производство го извезува.

Преполовен промет

Фирмите кои се во целост зависни од домашниот пазар кризата ги погодува многу посилно. Шпанската компанија Алју пред кризата речиси воопшто не извезувала машини за обработка на метални површини, вели менаџерот за извоз Жозе Моја. „Во најдобрите времиња со 42 вработени остваруваваме промет од 6 до 8 милиони евра. Сега прометот падна на 3,5 милиони во минатата година. Можеме, значи, да зборуваме за пад на прометот за 50 проценти.“

Алју затоа повеќе се осврнува кон потенцијалните купувачи надвор од Шпанија. „Сега се движиме по целиот свет за да можеме да пронајдеме нови пазари и нови места за пласман на пазарот и да добиеме нови клиенти“, вели Моја. И во тоа биле донекаде успешни. Во меѓувреме 15 проценти од вкупниот промет отпаѓа на извозот, пред кризата тој удел изнесувал само 3 проценти.

Извозот како спас

Hannover Messe 2012 Fahne mit Logo

Индустрискиот саем во Хановер- можност за наоѓање нови бизнис партнери

Алју не е единствена фирма која овие денови беше на индустрискиот саем во Хановер за да го зголеми својот извоз. Педро Куељас е директор на маркетингот на произведувачот на генератори Омнисантос од Португалија. И таму продажбата како и во Шпанија е опадната за 30 проценти, кажува тој. „Ние првпат се претставуваме на Хановерскиот саем и тоа пред се’ затоа што сакаме да дојдеме до клиенти од Русија“, кажува Куељас.

Со удел на извозот од над 90 проценти производителот на машини Бори, од друга страна е речиси целосно незвисен од својот домашен, италијански пазар. „Таму ситуацијата моментално е многу, многу, многу лоша“, вели менаџерот на продажба Лоренцо Бензони. „Нема инвестиции, дури ни од владата. Нема доверба, бројни меѓународни фирми ја напуштаат земјата. Даноците се превисоки. Се’ се тоа причини поради кои ситуацијата во Италија е лоша.“

Да се зголеми ефикасноста и да се освојат нови пазари - тоа е стратегијата со која бројни компании настојуваат да и‘ се спротистават на економската криза. Шпанскиот приватен истражувачки институт СЕМ укажува на еден загрижувачки тренд: бројни фирми во кризата ги намалуваат своите трошоци за научни истражувања и за развој, за да заштедат. Но, со тоа се наоѓаат во опасност за неколку години да го изгубат приклучокот на техничкиот развој, предупредуваат од институтот СЕМ.