1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Извозот како утеха за Шпанија

Финансиската состојба и‘ е катастрофална, политичарите се се‘ побеспомошни, луѓето малку бесни, малку очајни - кризата и‘ остави длабоки траги на Шпанија. Но, постои мало светло во таа темнина - шпанскиот извоз.

Сламките за спас за кои очајнички се држи шпанската економија се викаат Зара, Телефоника, Сантандер. Додека Шпанија, по распрснувањето на пазарот на недвижности како меур од сапуница, е носена од вртлогот на финансиската криза се‘ подлабоко, овие компании, заедно со фудбалската репрезентација, се одговорни за добрите вести. Тие и покрај кризата на еврото бележат позитивен извозен биланс.
Телефоника така, во меѓувреме, стана една од најголемите глобални играчи во телекомуникациската бранша, а Сантандер една од најдобрите банкарски институции во еврозоната. Посебно успешен е и текстилниот концерн Индитекс. Неговите фирми-ќерки, меѓу кои се и Зара и Масимо Дути, имаат продавници на најпрестижни локации за шопинг низ целиот свет. Индитекс има повеќе од 5.500 продавници и околу 110.000 вработени во 82 земји.

Од Њујорк до Мека

Но, не се работи само за поединечни случаи. „Ако зборуваме за Зара, тогаш веднаш мораме по неа да ги споменеме Манго, Десигуал, Имагинариум. Тоа се марки кои стануваат се‘ попознати“, кажува Валтер фон Плетенберг, директор на Германската трговска комора за Шпанија во Мадрид. Исто така, ако се спомене Телефоника, треба, укажува тој, веднаш да се споменат и сите оние шпански градежни претпријатија кои работат низ целиот свет: „Подземната железница во Лондон, подземната железница во Њујорк, подземната железница во Москва, брзиот воз помеѓу Мека и Медина - секаде во пазарниот натпревар учествуваат Шпанци.“

Шпанските концерни не се само актери во меѓународниот пазарен натпревар, тие на европско ниво, како што укажува економистот Гунтрам Волф од бриселската фабрика на идеи „Бригел“, остваруваат речиси рекодно темпо на раст на извозот: „Шпанските компании последните 3-4 години ја остварија една од највисоките стапки на раст на извозот во целата еврозона.“

Без полза за невработените

Но, и покрај сето тоа, Шпанија не може да здивне. Растот на надворешната трговија не е, имено, доволен за да се справи ефикасно со кризата во земјата. Компаниите кои извезуваат се само мал дел од шпанскиот пазар на труд. Тие само помагаат да се задржат постоечките работни места во земјата, но нови работни места  главно се отвараат во странство. Околу 5,5 милиони невработени Шпанци речиси и да немаат полза од цутот на извоз на шпанските фирми. Дотолку повеќе успешниот извозен биланс е поважен како балзам за разнишаната шпанска самодоверба. Во очите на луѓето тие се доказ дека Шпанија се’ уште нешто значи во светот и дека не е држава пред банкрот која нема претприемачки сили. Повеќе или помалку отворено познатите Шпанци од областа на економијата и политиката, ја користат надворешна трговија како елемент на дистинкција од другиот европски „пациент“, Грција.
Извозот така стана утеха за измачената Шпанија, четвртата по големина национална економија во Европа.

Надворешна трговија - национален приоритет

Тој позитивен тренд, се чини, продолжува. Според најновите информации на Германската трговска комора за Шпанија, во првиот квартал оваа година извозот пораснал за 3,4 проценти, во однос на истиот период минатата година. Од 2000. до 2011. година извозот во Германија пораснал за речиси 50 проценти, а на светскиот пазар дури за 72 проценти. Овој успех не е случајност. Барајќи нови можности за раст и помош на индустријата по падот на градежната бранша, владата во Мадрид порастот и потпората на надворешната трговија (угледувајќи се на големите извозни нации како Германија), го прогласи за национален приоритет. 

Економистот Гунтрам Волф е уверен меѓутоа дека овие успеси во прв ред се должат на мудрата стратегија на компаниите: „Тоа што сега го гледаме е помалку резултат на шпанската економска политика, а повеќе одраз на силата на одделни компании.“

Кредити ниту за лек

На светскиот пазар блескаат главно големите концерни, шпанските индустриски лидери. Малите и средно големите компании речиси и да не се застапени. Главната пречка со која тие се соочуваат е финансирањето на вложувачите. Шпанските компании во моментов имаат голем проблем да дојдат до средства за финансирање на пазарниот капитал, а токму на малите и средните претпријатија им се потребни кредити за да отидат чекор напред преку границата.
Постојат, меѓутоа, и други пречки. „Едноставно им недостасува извозен квалтет, познавање странски јазици, своевидна извозна традиција“ кажува Валтер фон Плетенберг од Германската трговска комора за Шпанија. Тоа, смета тој, е поголема задача која стои пред оваа земја, но позитивно гледајќи, заклучува, Шпанија во средно големите претпријатија има се’ уште голем потенцијал за извоз.