1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Извлечени првите ранети од Хомс

Кина денеска (25.02) ги обвини САД и Европа за хегемонистички амбиции во Сирија, откако западните и арапските нации постигнаа договор на состанокот во Тунис за поголем притисок врз претседателот Башар ал-Асад.

Обвинувањето стаса преку коментар на државната новинска агенција Ксинхуа, во кој се вели дека „повеќето арапски земји почнале да сфаќаат дека САД и Европа кријат меч зад насмевката“.

Kämpfe in Homs Syrien

Во Хомс нема доволно храна, лекови и гориво

„Со други зборови, додека се претставуваат како да делуваат поради загриженост од хуманитарни причини, тие всушност ги прикриваат хегемонистичките амбиции“, стои во коментарот на државната агенција Ксинхуа.

Во исто време, од Меѓународниот црвен крст информираа дека денеска продолжија преговорите со сириските власти и опозиционите борци со цел да продолжи евакуацијата на повредените од населбата Баба Амр во Хомс.

„Се надеваме дека ќе можеме да спроведеме многу операции за спасување животи. Се надеваме дека Меѓународниот црвен крст ќе влезе во Баба Амро денеска“, изјави портпаролот на оваа организација Хичам Хасан.

Ранетите и убиени новинари се’ уште не извлечени од Хомс

Fotograf Remi Ochlik und Kriegsreporterin Marie Colvin

Телата на двајца загинати западни новинари, Реми Очлик (лево) и Мари Колвин (десно) се’ уште не се пренесени од Хомс

А, меѓу повредените кои Црвениот крст се обидува да ги спаси и двајцата западни новинари – французинката Едит Бувие и британскиот фотограф Пол Конрој. Телата на двајца загинати западни новинари, Мари Колвин и Реми Очлик, се’ уште не се пренесени од градот. Сириските власти ги обвинија бунтовниците дека не сакаат да ги предадат телата на загинатите новинари. А, французинката Бувие во четвртокот испрати видео порака со повик за помош.

„Мојата нога е скршена во делот на бутната коска, по целата нејзина должина, а исто така и хоризонтално. Мора да бидам оперирана што е можно поскоро“, рече Бувие во пораката снимена од бунтовниците.

Обидот за извлекување на повредените уследи откако арапските и западните земји го повикаа официјален Дамаск „веднаш да прекине со секакво насилство“ за да се овозможи пристап до повредените, повеќе од три недели по почетокот на нападите на бунтвоничките населби во третиот по големина сириски град - Хомс.

Вчера прв хуманитарен конвој

Вчера, болничките возила на Црвениот крст и Црвената полумесечина влегоа во Баба Амр и извлекоа седуммина повредени Сиријци, како и 20 жени и деца. Тоа беше првпат тим за евакуација да влезе населбата која е под жестоко бомбардирање 21 ден.

Konferenz Syrien Kontaktgruppe Tunis

Групата „Пријатели на Сирија“ вчера побара спроведување на хуманитарна акција

Хуманитарната акција се спроведе откако на вчерашниот состанок во Тунис, на кој учествуваше т.н. група „Пријатели на Сирија“ составена од претставници на 60 влади, беше испратена сериозна загриженост за хуманитарната состојба во Сирија. Групата посебно забележа за „недостатокот на основна храна, лекови и гориво“, како и за „заканите и актите на насилство врз медицинскиот персонал, пациентите и објектите“.

Обидите за хуманитарната акција се случуваат пред утрешното гласање за новиот устав. Сиријците на референдум ќе одлучуваат дали ќе ги прифатат промените, кои можат да стават крај на петдецениското еднопартиско владеење. Сепак, опозицијата повика на бојкот на референдумот, бидејќи според неа режимот се обидува да ги затскрие злосторствата во кои се убиени повеќе од 7.600 лица со организирање референдум.

Автор: Александар Методијев /афп/ројтерс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска