1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Извештај за светскиот мир

Светот статистички гледано станал помирно место за живеење.

Франк Јоаким ГИсман, еден од раководителите на Институтот за мир при Универзитетот во Хамбург

Франк Јоаким ГИсман, еден од раководителите на Институтот за мир при Универзитетот во Хамбург

Ако се обидеме да ја измериме опасноста што на една единка денес и‘ се заканува да стане жртва на оружен конфликт, тогаш таа е помала отколку во 50-тите години од минатиот век. Но, тоа е само едната страна на медалот, сметаат експертите од петте водечки институти во Германија за истражување на мирот, кои вчера во Берлин го објавија редовниот годишен извештај.

„Другата страна на медалот е тоа што зад грбот на јавноста се напушта договорот за неширење на нуклеарното оружје. Ако Иран успеал, ако тоа и‘ пошло на Северна Кореја, зошто тогаш да не пробаат и други нации. Така многу поскоро отколку што можевме да се надеваме ќе бидеме повторно соочени со нуклеарни сценарија„ – оценува Бруно Шох од Фондацијата за истражување на мирот на покраината Хесен.

Во целиот извештај опасноста од нуклеарни војни зазема важно место. При тоа особено внимание му се посветува на спорот околу иранската атомска програма:

„Некои анализи оставаат впечаток дека има само две решенија за овој спор: или треба да се помириме со појавата на нова нуклеарна сила во подрачјето на Персискиот залив или пак тоа да го спречиме со воени средства. Ние обете решенија ги сметаме за подеднакво неприфатливи„ – порачува Рајнхард Муц од Институтот за истражување на мирот при Универзитетот во Хамбург.

Експертите во годишната анализа пледираат за трето решение, кое може да профункционира само ако иранските и американските преговарачи седнат на иста маса. Најновата понуда на Американците до Иран експертите ја оценуваат со голема воздржаност. Условот што Вашингтон го постави, имено Техеран прво да престане со обогатување ураниум, па потоа да се разговара, тешко ќе биде исполнет. Тоа би значело голема загуба за угледот на иранското раководство.

Експертите во принцип имаат големи приговори на адреса на официјален Вашингтон:

„Вашингтон си дава за право не само да поседува и да развива нуклеарно оружје, туку и по потреба да го користи. Прво како средство за заплашување и одвраќање, а потоа и како инструмент на воената доктрина„ – појаснува Муц.

Тој и колегите остро ги критикуваат САД за неодамна склучениот договор со Индија, со кој оваа азиска земја дури се наградува за тоа што се наоружала со нуклеарни капацитети.

Како второ тежиште во годишниот извештај се забалежува состојбата во Африка. Тука пред се‘ во суданската покраина Дарфур:

„Во јужната суданска покраина Дарфур и соседен Чад одвај преживуваат повеќе од два милиона бегалци, тие се отсечени од изворите за прехранување, загрозени се од насилство на арапските милиции, немаат ни заштита од нив, а касите на Светската програма за храна се веќе празни.„

Што се однесува до планираната мисија на ЕУ за Конго, експертите велат дека таа не ветува многу. Мисијата е дилетантски испланирана и не се знае дали воопшто ќе има некакво битно влијание врз состојбата во кризните региони на земјата, бидејќи е предвидено да биде стационирана во главниот град. Експертите бараат во иднина да се проверува и анализира секој странски ангажман на германската армија:

„Ако во некоја земја од третиот свет изградите 12 полски тоалети, можете со голема сигурност да тврдите дека тој проект ќе биде евалуиран од страна на независни експерти, имено дали бил успешен и дали имал смисла. Но, ако испратите војници на германската армија во Сомалија, на Балканот или во Авганистан, тогаш ние посакуваме исто така да се изготви сериозна анализа со сооднос на вложеното и на постигнатите ефекти.„

Експертите во секој случај на германската влада и‘ препорачуваат кога е во прашање Африка повеќе да вложува во развојни и мировни проекти, како и во мерки на превенција на кризи, отколку во воени ангажмани.