1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Извештајот за Македонија во ЕП е валиден

Тоа што извештајот и резолуцијата на ЕП за напредокот на Македонија беа изработени од словенечкиот европратеник Зоран Талер, за германскиот европратеник Мартин Шулц, не менува ништо.

default

Мартин Шулц

Германскиот европратеник и претседател на парламентарната група на Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, Мартин Шулц, смета дека извештајот и резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на Македонија остануваат валидни, иако беа направени од страна на Зоран Талер, кој поднесе оставка поради обвиненијата за корупција.

„Содржината на резолуцијата ќе остане. Фактот што Талер направи грешки не менува ништо во текстот на резолуцијата. За време на неговото присуство овде во Европскиот парламент, тој придонесе со неговите прифатливи идеи за работата на нашата група. Што се однесува до Зоран Талер, јас лично навистина жалам за тоа што се случи. Лично имав многу добри односи со него и бев навистина многу, многу шокиран и разочаран“.

Europaparlament Straßburg

Европарламентот во Стразбур

„Работиме како европски пратеници“

За Кристиан Вигенин - бугарскиот европратеник исто така од редовите на социјалистите и демократите, кој е новиот времен известувач во Европскиот парламент за Македонија, Мартин Шулц има само пофални зборови.

„Кристиан Вигенин е координатор во нашата група за надворешните работи, тој е надвор од сите сомневања и работи со потребната непарцијалност. Тоа што тој е Бугарин не игра никаква улога. Ние сме среќни во нашата група што ги надминавме националните препреки и работиме како европски пратеници. Се разбира, никогаш не можеме да се ослободиме од националните влијанија, но треба да се знае дека во случајот со Кристиан Вигенин, дека тој не ги разгледува прашањата како Бугарин.“

Европа и Грција сега имаат други грижи

Претседателот на Групата на европските социјалисти и демократи, пред околу една година беше оптимист за можното деблокирање на процесот за зачленување на Република Македонија во Европската унија, со изнаоѓање на решение за името, додека сега:

„Ќе бидам многу отворен со вас. Мојот впечаток е дека Грција во моментов има други грижи. Европа исто така. Сигурен сум дека за да се најде пат кој ќе и‘ дозволи на Македонија да и‘ се приклучи на Европската унија, потребно е да се направи компромис“ , нагласи Мартин Шулц.

Во предложената резолуција Европратениците сметаат дека „двете страни треба да ги разрешат билатералните проблеми во духот на добрососедството, водејќи сметка за општиот интерес на ЕУ“.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje

Резолуцијата бара исто така од Европската комисија и Совет да започнат со изработка на механизам за арбитража кој би дозволил да се решаваат билатералните проблеми меѓу земји-кандидати за членство со други земји-кандидати или со држави-членки на ЕУ, како и меѓу држави-членки на ЕУ. Европратениците исто така бараат од европскиот комесар задолжен за проширувањето да го олесни склучувањето на договор за името на земјата, како и да предложи политички ориентации, почитувајќи ги целосно процедурите за преговори кои се во тек во ООН. Изнаоѓањето на решение на спорот за името прифатливо за сите во најдобро време, според текстот на резолуцијата, претставува тест за надворешната политика на ЕУ по Лисабонскиот договор, исто како и за капацитетот на ЕУ да ги разреши меѓународните разлики на нејзините граници.

Во текстот на резолуцијата, за која ќе се гласа в четврток, наместо „македонски јазик“ се употребува општата формулација, „официјалните јазици“ на државата, но на неколку места е користена придавката „македонски“ за назначување на македонската влада или македонските власти.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM