1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Извештаи за нов масакр во Сирија

Сириските бунтовници, според активисти за човекови права, на почетокот на август извршиле масакр во повеќе алевитски села. Убиени биле најмалку 190 цивили, тврди Хјуман рајтс воч.

Во нападот на 4. август врз десет села во приморската провинција Латакиа џихадистите и бунтовниците егзекутирале 67 цивили, пишува во извештајот на организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч, објавен денеска.

Организацијата, според сопствени наводи, за да дојде до податоците водела 35 интервјуа, меѓу кои и со повеќе преживеани во нападот, а при истражувањата на теренот составила и листа со имињата на загинатите. Меѓу нив се наоѓаат 57 жени и 18 деца. 67-те луѓе, кои целно биле егзекутирани, биле невооружени и не претставувале никаква закана, делумно дури се наоѓале во бегство, пишува Хјуман рајтс воч.

Регионот во кој се наоѓаат селата е упориште на сирискиот властодржец Башар ал-Асад. Во нападот, како што тврди ХРВ, учествувале 18 бунтовнички групи, но притоа операцијата ја предводеле радикалните исламистички групации. Групите Исламска држава и Леванте и Џихад ал-Мухаџирин вал Ансар се‘уште држат како заложници над 200 цивили, најголем дел од нив се жени и деца.

Во алевитските села се вршени целни напади врз цивилното население, вели директорот за Среден Исток во Хјуман рајст воч, Џо Сторк. Овие дела, според него, мора да се третираат како злосторство против човештвото.

Хјуман рајтс воч ја критикува и улогата на Турција во сирискиот конфликт - со поддршката на сириските бунтовници, Анкара индиректно помага и во извршувањето на злодела против човештвото.

Организациите и групи за човекови права од почетокот на конфликтот во Сирија известуваа и документираа за повеќе воени слосторства и геноцид извршен од страна на владините трупи и на бунтовниците.