1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Избрзано повлекување на странските трупи би му наштетило на Ирак

Ирак пет години по американската инвазија: и покрај лошата ситуација, земјата прави бавен политички и економски напредок, сепак се подобрува и безбедноста. Коментар на Даниел Шешкевиц.

default

Пред 5 години: американски војник со знаме на САД ја прекрива статуата на Садам Хусеин во Багдад


Кога пред пет години американскиот претседател Џорџ даблју Буш ги пушти војниците да вмаршираат во Ирак, зад себе имаше големо мнозинство од Американците, а против себе светот, речиси сплотен. Америка уште се наоѓаше во шок-состојба по нападите од 11-ти септември и дозволи да биде заведена од владата, која беше цврсто решена да води војна. Светот со право беше вчудовиден од самоволното постапување на водечката светска сила, чиј претседател, со помош на тајната служба, ја создаде фикцијата за ирачките оружја за масовно уништување. Така поведе војна, која значеше не само смрт и очај за дестици илјади Ирачани, туку и ја разниша веродостојноста на Америка ширум светот.


Ирак прифати демократски структури


Денес, пет години потоа, се обистинија многу предвидувања на противниците на војната, но не и сите - така мора да гласи трезвено резиме. Воените планери во Пентагон, кои веруваа дека земја како Ирак може со модерни оружја и минимум војници веднаш да се контролира, беа во заблуда. По брзата инвазија уследи асиметрично водена војна, која и денес трае. Но, исто толку грешеа и оние, кои тврдеа дека Ирак никогаш нема да прифати демократски структури: на парламентарните и претседателските избори Ирачаните му се спротивставија на теророт и на уверлив начин ги искористија новоздобените и скапо платени права.


Солиден стопански пораст


Во меѓувреме се опорави и стопанството, на кое во првите години по инвазијата му се закануваше запаѓање во хаос. Актуелната стапка на пораст од шест насто не е лоша ни за повоена економија. Експлоатацијата на нафта, според наводи на меѓународните енергетски власти, на крајот на минатата година конечно повторно го достигна предвоеното ниво. По долги години на спорна прераспределба, од приходите сега полза имаат сите етнички групи, што долгорочно може да му направи голема услуга на смирувањето на земјата.

Иако трае меѓуетничката затегнатост и и натаму ќе ја става земјата пред големи предизвици, Ирак досега не се распадна, што инаку му предвидуваа некои експерти.


Безбедноста подобрена, Американците нема избрзано да се повлечат


Во последните месеци се подобри и безбедносната ситуација, во што секако придонесе и привременото наголемување на присуството на американски војници во земјата. За прв пат по пет долги години илјадници Ирачани повторно се враќаат во земјата. При сите постоечки проблеми, сепак животот во време на владата на премиерот Нури ал Малики е подобар, отколку за време на диктаторот Садам Хусеин.

Идниот американски претседател, што ќе биде избран во ноември, од Буш ќе го наследи ангажманот во Ирак. Демократ или Републиканец - се’ едно, ќе нема избрзано повлекување на трупите. И тоа е добро, оти на Ирак му е потребна сигурна основа за планирање, а не некаков безбедносен вакуум. Само така постои надеж дека ќе може да продолжи во последно време охрабрувачкиот нагорен развој.


►◄