1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Избраниците на Клинсман на подготовки во Швајцарија

Завршните подготовки на германската фудбалска репрезентација за претстојното светско првенство засега се одвиваат без проблеми

Селекторот Јирген Клинсман

Селекторот Јирген Клинсман

Фазата на рекреација во медитерански амбиент на италијанскиот остров Сардинија помина, од вчера германската селекција за светското фудбалско првенство се наоѓа во Швајцарија, каде ќе се одвива интензивниот дел на завршните подготовки и ќе се работи врз тактички финеси. „Мислам дека многумина од вас, како и ние, нерадо ја напуштија Сардинија, но време беше сега навистина да прејдеме на напорна работа“ – им се обрати на избраните фудбалери директорот на репрезентацијата Оливер Бирхоф.

На Сардинија амосферата беше релаксирана, иако и таму, се разбира, се тренираше. „Се радувам кога по напорниот ден ќе си дојдам во собата, а таму се моите дечиња. Нема ништо поубаво“ – велеше Мирослав Клозе. „Ние нудиме и други работи во креирањето на слободното време. Синоќа правевме скара“ – пренесе селекторот Јирген Клинсман.

Сега во Женева се предвидени по два тренинга дневно, секој по 90 минути; веќе вчера, по пристигнувањето, е одржан првиот. Во Германија, според директорот Бирхоф, секако би била потешко изводлива концентрирана работа со оглед на еуфоријата на навивачите. „Моравме да имаме добри услови за тренинг, не само добра трева, туку и големо фитнис-студио. Се разбира, сакавме и да дојдеме во простор со слична клима како во Германија, па мислам дека донесовме оптимално решение“ – го образложува Бирхоф изборот на Швајцарија за оваа фаза на подготовките.

Германскиот фудбалски сојуз на стадионот на Сервет опреми модерно фитнис-студио за секој играч, врз основа на индивидуалната програма за тренинг, да може да ги отстрани евентуалните телесни дефицити. Кон репрезентацијата се приклучи и Филип Лам, иако и натаму со гипс на оперираниот лакт, што го повреди во последното коло од првенството. Во фаза на рехабилитација се и Себастијан Кел и Кристоф Мецелдер.

Утре репрезентацијата веројатно ќе игра тренинг-натпревар против младински тим на Сервет, а в сабота следува пат во Фрајбург на пријателски натпревар против Луксембург.

Германскиот спорт се обедини под „една капа“

Германскиот спорт организационо се обедини со спојувањето на двете досегашни водечки структури: Германскиот спортски сојуз и Националниот олимписки комитет. Новата организација се вика Германски олимписки спортски сојуз, а нејзин прв претседател е избран 52-годишниот Томас Бах, инаку и потпретседател на Меѓународниот олимписки комитет.

На основачкото собрание Бах акцент стави на општествената улога на спортот, на неговиот придонес кон интеграцијата: „Спортот ги надминува границите од социјален, расен и јазичен вид или од погледите на светот, и поврзува преку заедничките цели. Тоа е општествена интеграција без принуда. Спортот е движење, тој е здравствена превенција со забава и радост. Спортот им нуди на граѓаните идентификација со нивната земја и нејзините симболи. Тоа е патриотизам без национализам. Спортот е олицетворена определба за квалитет и самоодговорност. Тоа е негов придонес кон едно модерно граѓанско општество“.

Томас Бах оцени дека спортот предничи во трајната интеграција пред речиси сите останати општествени области и најави нови проекти во кои посебна улога ќе играат жени и девојки од доселеничко потекло. Со 27 милиони членови и 4 ипол милиони аматерски анагжирани спортски работници спортот е далеку најголемото граѓанско движење во нашата земја, рече Бах. Од политиката тој побара основање повеќе елитни спортски школи и најави решителна борба против допингот во спортот. Бах побара, како признание за спортските остварувања на милиони луѓе и придонесот за заедништвото на општеството, спортот да најде место и во германскиот устав.

Германскиот канцелар Ангела Меркел, која - како и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Жак Рог, присуствуваше на свеченоста, му оддаде признание на спортот за придонесот за угледот на земјата: „Германија е атрактивна и меѓународно призната спортска земја. Сите извонредни спортски настани – европски или светски првенства сеедно – сведочат за довербата на меѓународните спортски сојузи во германскиот спорт и во нашето искуство во организацијата и спроведувањето на големи спортски манифестации. При толку многу активни спортисти се осмелувам да кажам дека секоја манифестација не е само важна за Германија како спортска нација, туку и многу пошироко од спортот: атрактивноста и признанието што меѓународно му се посветуваат на германскиот спорт се важни за нашата земја севкупно“.

На основачкото собрание на Германскиот олимписки спортски сојуз беа искажани и критики за ставањето на севкупниот спорт под „една капа“: „Сега значи, треба да се откажеме од еден солиден, пошланк и покомпетентен организам и да пропаднеме во една дупка, за да му се помогне на еден болен“ – префрли Валтер Трегер, некогашен претседател на Националниот олимписки комитет, алудирајќи на досегашниот Германски спортски сојуз.

Спортски настани денеска

-На велосипедската трка Џиро д’Италија се вози 15-тата етапа. Италијанецот Иван Басо суверено води во генералниот пласман. Германецот Јан Улрих е на 41-то место со заостаток од 28 минути и 21 секунда.

-Во Диселдорф продолжува Светскиот тениски Араг-куп за машки селекции. Играат Аргентина – Чешка и САД – Хрватска.

-Вечер во Барселона ќе бидат доделени „Лауреус Волрд спортс авордс“, најзначајните меѓународни признанија за спортски постигнувања, еден вид „спортски Оскар“. Од германските спортисти е номинирана само пливачката Кирстен Брун, која се натпреварува во категоријата на хендикепирани спортисти.