Избор на нова македонска влада | Теми на денот | DW | 25.08.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Избор на нова македонска влада

Македонија денеска треба да ја добие новата влада по петтите парламентарни избори од нејзиното осамостојување,на чело со претседателот на победничката партија,ВМРО ДПМНЕ,Никола Груевски.Пратениците треба да гласаат за составот на владата и за програмата за работа.

Парламентот денеска ќе гласа за тимот на Груевски

Парламентот денеска ќе гласа за тимот на Груевски

Подобар животен стандард и меѓуетнички односи и побрза интеграција во ЕУ и во НАТО,гласат најкратко клучните тежишта за идниот премиер Никола Груевски и неговата влада.

Како солидна база на меѓународен план тој го има веќе добиениот статус кандидат на Македонија за членство во ЕУ,со надеж за скоро одредување датум за почеток на преговори и ветување за скоро членство во НАТО. Од претходниците го наследува спорот со името со Грција,кој се провлекува повеќе од 15 години и поради кој земјата во ОН остана под референцата ФИРОМ.

Груевски сега ја става економијата на прво место.

Закрепнувањето во економската сфера нема да биде ниту брзо ниту лесно,но со тоа Македонија ќе тргне во подобра насока и ќе стигне до благостостојбата за народот

Оваа програма на владата,стабилноста на земјата и ветениот економски бум треба да го понесе на своите плеќи најмладиот состав на кабинетот досега. Груевски во интервју за Дојче веле својата одлука да вклучи млади и луѓе школувани во странство,вака ја образложи:

ВМРО ДПМНЕ е партија која има тесни врски со македонската дијаспора и редовни контакти.Јас како опозиционер,но и претходно често патував во дијаспората,видов дека таму има многу луѓе Македонци кои навистина се многу способни,зошто нив да не ги вклучиме во развојот на земјата.

Додека кај едни младоста на владиниот тим наидува на критика,кај други тоа е добар знак,што на клучни позиции доаѓаат луѓе неоптоварени со минатото. Меѓу нив е и Ерик Клепман,раководител на германската фондација Конрад Аденауер во Скопје:

-Се надевам дека токму подобрувањето на економијата и со тоа и на животниот стандард за Македонците ќе донесат суштинско подобрување за целата земја.Зашто едно е јасно,ако економијата остане на сегашно ниво,во Македонија нема да се создаде клима за обнова.Тоа е битно и за интеграцијата во ЕУ и во НАТО.Сметам дека младиот тим ,со нови искуства и идеи од странство ,секако прилагодени на македонски услови,ќе може да внесе нови импулси.

Клепман истакнува дека сега треба да се причека како ќе минат првите 100 дена од новата влада за да се види какви идеи има,да ги преиспита уште еднаш ветувањата од изборната програма и да ги подобри.

Клепман вели и дека Европа повеќе нема да и попушта на Македонија,како што и беше даден сигнал и на претходната влада:

-Нагласувам уште еднаш дека Македонија го има статусот на кандидат и не може секој да прави што сака.Тоа го видовме и кај претходната влада,многу брзо доаѓаа реакциите од Брисел или од европските метрополи кога се случуваше нешто што не беше во согласност со европските стандарди.Така и новата влада ќе се чувствува обврзана да се движи во насока на посакуваниот развој на Македонија.