1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Изборот на Јанукович не е свртување кон Москва

Наспроти досега вообичаеното мислење во западната јавност, победата на Јанукович не значи автоматски и проруски, а антизападен курс, сметаат европските експерти.

default

Јанукович ја доби поддршката на мнозинството граѓани

Во западната јавност со години се сметаше дека Виктор Јанукович е проруски политичар, додека соперничката Јулија Тимошенко е прозападно ориентирана. Таквата слика е искривена и не соодветствува потполно на реалноста, оценува експертката за Украина, Аманда Паул од Европскиот политички центар, еден вид тинк-тенк од Брисел. „По прашањето на односите со ЕУ двајцата политичари тукуречи не се разликуваат. И едниот и другата се обидуваат да ги избалансираат односите со ЕУ и со Русија на прагматичен начин. Освен тоа, Јанукович доживеа очигледна трансформација. Владејачките структури во Кремљ денес не се толку тесно поврзани со него како порано, така што не може да го означиме како фигура на Москва.“

Стабилна енергетска политика

Тоа особено се однесува на енергетската политика, за која Европејците се витално заинтересирани. Членките на Унијата, имено, досега сносеа тешки последици од секоја кавга меѓу Русија како производител на нафта и земен гас и Украина како транспортна земја, преку која енергенсите пристигаа до конечните потрошувачи во Европа. Минатата зима тоа посебно драматично се одрази на снабдувањето на целиот европски континент. Експертката Аманда Паул смета дека со доаѓањето на Јанукович нема автоматски да се средат потполно односите меѓу Моска и Киев на овој план.

Членство во НАТО

Што се однесува, пак, до прашањето на интегрирањето на Украина во НАТО сојузот, досегашниот претседател Виктор Јушченко посебно интензивно се залагаше во таа насока. Таквата амбиција изгледаше дотолку поостварлива, што Јушченко најде силен поддржувач во поранешниот американски претседател Џорџ Буш. Но, повеќе земји членки на Алијансата беа против членството на Украина, така што по доаѓањето на Барак Обама на власт во Белата куќа веќе не се слуша речиси ништо за аспирациите на Украина. Аманда Паул смета дека со доаѓањето на власт на Јанукович ќе дојде до смирување и на овој план: „Познато е дека Јанукович никогаш не го поддржувал членството на Украина во НАТО. Тоа нема ни да се смени. Но, тоа нема да биде понатаму ниту проблем, бидејќи украинската нација во моментов и не е за зачленување во Алијансата. Оваа промена на власта може дури да биде и позитивна, бидејќи Јушченко се залагаше за прием во НАТО преофанзивно и предизвика отпори. Сега ќе се опуштат духовите, а Украина и онака ќе продожи со соработката со Алијансата, на попрагматично ниво.“

Членство во ЕУ

Ukraine Wahlen Wahlplakat in Kiew Julia Timoschenko und Viktor Janukowitsch

Нема голема разлика меѓу Јанукович и Тимошенко во однос на државните приоритети

Истото важи и за соработката со ЕУ. Украина веќе со години има интензивна соработка со Европејците во рамките на т.н. политика на добрососедство. За амбициите на Киев за пристапување кон Унијата и порано немаше доволно поддршка во Брисел. „Членството во ЕУ не се наоѓа на дебата. Но, истовремено можам да кажам дека иднината е отворена, само во моментов нема јасна перспектива за членство“, порача поранешната еврокомесарка за надворешни работи Бенита Фереро Валднер.

Клуч се успешните реформи

Притоа се отвора прашањето дали Украинците воопшто сакаат да се интегрираат во ЕУ? Или можеби сето тоа беше отсекогаш само проект на малобројна елита во Киев? „Не, верувам дека севкупно гледано украинското население е и понатаму за интеграција во Западот и за членство во ЕУ. Тоа и понатаму би било среќно кога би слушнало дека има понуда за членство од Брисел. Но, дали тоа наскоро ќе се случи треба да видиме, бидејќи за поголем број европски земји приоритет имаат односите со Русија. Доколку Украина продолжи со започнатите реформи, добро ги завршува домашните задачи и создаде вистинска економска и политичка стабилност, тогаш ЕУ ќе се најде соочена со вечното прашање: треба ли сега да и’ се даде на Украина перспектива за членство или не“, појаснува експертката Аманда Паул. Таа дури нагласува дека ова прашање би можело да се постави и порано отколку што на ЕУ би и’ било драго - секако доколку Виктор Јанукович се покаже како успешен реформатор на големата земја на европскиот Исток.

Автор: Кристоф Хаселбах/Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM