1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Избори пред избори во Баварија

Жителите на Баварија денеска (15.09) гласаат на покраинските избори чиј резултат може да биде важен пред парламентарните избори на национално ниво следниот викенд. Сојузниците на Меркел се надеваат на убедлива победа.

Баварците денеска гласаат на избори на кои се очекува апсолутна победа на сојузниците на Ангела Меркел - Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), што пак би и‘ дало дополнителен поттик на кампањата на канцеларката во пресрет на парламентарните избори следната недела.

Христијанско социјалната унија (ЦСУ) владее со богатата јужна покраина веќе 56 години, а анкетите предвидуваат дека и на овие избори ќе освои најмалку 47 проценти од гласовите, што ќе и‘ овозможи апсолутно мнозинство во парламентот во Минхен.

„Драга Ангела ние ќе ја ставиме топката на белата точка, тебе ти преостанува потоа единствено да го шутнеш пеналот“, порача деновиве лидерот на ЦСУ, Хорст Зехофер.

Блокот ЦДУ/ЦСУ во моментов ја има довербата на околу 40 отсто од испитаниците, што значи дека за формирање влада ќе им биде потребна поддршката на уште една помала партија. Досега тоа беа либералите- ФДП, но оваа партија веќе подолго време „виси“ на границата од 5 проценти и прашање е дали ќе обезбеди влез во Бундестагот.

Слична е состојбата и во Баварија, каде на ФДП исто така и‘ се заканува неуспех да влезе во покраинскиот парламент. Таквиот развој на настаните, според аналитичарите, би можел да има негативни последици и врз изборите следната недела. Имено, поведени од слабите резултати на покраинските избори, конзервативните гласачи би можеле да одлучат да не го дадат својот втор глас за ФДП, со што би било загрозено владеењето на Меркел на централно ниво.

Регионален идентитет

Баварија е единствената германска покраина која има своја регионална партија -ЦСУ, во сојузниот парламент. Кога останатите конзервативни партии се споија во ЦДУ, ЦСУ остана самостојна рефлектирајќи го на тој начин силниот баварски регионален идентитет. Баварија, меѓудругото седиште и на големите концерни како Ауди и БеЕмВе, како одвоена единка би била шестата најголема држава во еврозоната и според популацијата и според богатството, што пак и овозможува да има големо влијание врз сојузната политика во Берлин.

Исходот на изборите во Баварија ќе испратат јасен сигнал пред парламентарните избори следната недела. Поради тоа, канцеларката Меркел и опозицискиот кандидат за канцелар Пер Штајнбрик од СПД ја ставија Баварија во центарот на вниманието на нивните кампањи неделава. Штајнбрик изјави дека „добар резултат на СПД на покраинско ниво многу ќе ни помогне за една недела“. СПД ги загуби изборите во 2009. година, меѓу другото, и поради тоа што забележа историски лош резултат во Баварија. Штајнбрик сега се надева дека ЦСУ сепак нема да освои апсолутно мнозинство во Баварија, а неговата СПД ќе освои повеќе од прогнозираното.