1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Избори кои не му помогнаа на поделениот Тајланд

Бројни прашања остануваат отворени по изборите во Тајланд кои беа попречувани од опозициските активисти. Како ќе се повтори гласањето? Дали парламентот ќе има легитимитет? И најважното, дали ќе се смири состојбата?

Од вкупно 50 милиони Тајланѓани со право на глас, во неделата (2.01) дури шест милиони не можеа да гласаат на вонредните избори. Опозициските активисти, кои со месеци протестираат против владејачкиот „клан Шинаватра“, блокираа околу десет проценти од гласачките места, пред сѐ во Бангкок и на југот на земјата, каде уживаат поголема поддршка.

Ширум земјата беа ангажирани околу 130 илјади припадници на силите за безбедност, но ни тоа не овозможи нормално одржување на спорните избори. „Не можев да гласам бидејќи во близина на мојата куќа имаше насилни судири“, вели за ДВ една Тајланѓанка. „Не сум за ниту една страна, но мислам дека овие избори беа трошење време и пари“.

Изборите со проблематичен легитимитет и ефект чинеа околу 85 милиони евра. Лидерот на уличните протести, Сутеп Таугсубан затоа планира да ја тужи премиерката Јинглак Шинаватра за проневера на јавни пари.

Wahlen in Thailand

Гласањето во некои делови на Тајланд се одвиваше мирно

Соочена со насилните протести на урбаната средна класа, Јинглак одлучи да се оди на избори кои опозицијата не ги сакаше. Јинглак е помлада сестра на поранешниот премиер Таксин Шинаватра кој со години е во доброволен егзил за да ги одбегне обвинувањата за корупција во земјата. Иако на резултатите од изборите сѐ уште се чека, победата на владејачката партија е извесна. Според некои податоци, таа ужива поддршка од речиси четири петтини од граѓаните, пред сѐ од руралните региони на северот на земјата.

„Важно ни е да покажеме поддршка на власта. Владата секогаш не‘ поддржувала и работи за доброто на луѓето“, вели една жителка на северниот град Чанг Мај.

Легитимноста под прашање

Јинглак се обидува да дојде до симболична политичка легитимација и така да ги неутрализира протестите во Бангкок, вели за ДВ Михаел Винцер, шеф на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Тајланд. „Доколку освои мнозинство гласови тоа ќе биде удар за опозицијата“, вели тој.

Сепак, остануваат дилемите околу легитимноста на изборите која опозицијата сакаше да ги спречи. Имено, на Тајланд гласањето е обврска, па Изборната комисија веќе најави прегласување на 23 февруари на оние места на кои опозицијата го спречи гласањето. Без тоа, прашање е како ќе се избере нова влада. За нејзиниот избор неопходно е присуството на 475 од вкупно 500 пратеници во парламентот, а таа бројка не може да се пополни без одредени региони.

Wahlen in Thailand

Премиерката Јинглак Шинаватра

Парламентарците од редовите на Демократската партија се приклучија кон бојкотот на кој повикуваше нивниот поранешен член, а сега уличен лидер Сутеп Таугсубан. Со тоа постои ризик опозицијата воопшто да не биде присутна во парламентот, бидејќи оној кој нема да гласа го губи правото да биде пратеник. „Дури и доколку се избере влада, најголемата опозицијата партија нема да биде во парламентот“, вели Винцер. „Парламентот нема да може да постигне демократски консензус за најважните политички прашања. Оттука изборите нема да ја смират состојбата. Важните политички теми веројатно и натаму ќе се прелеваат на улиците“, прогнозира Михаел Винцер.