1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Избори во Москва - има ли шанси Навални?

Еден од кандидатите на денешните избори за градоначалник на Москва е и Алексеј Навални, жестокиот критичар на Путин и антикорупциски блогер. Во Москва се шпекулира дека тој е таен агент на Путин во опозициските редови.

Алексеј Навални во изборната кампања често преку интернет ги собираше своите следбеници околу себе. „Поинаквата Русија почнува со Москва“ - напиша тој на плакатите во изборната кампања.

„Драго ми е што можам да го предводам ова движење, во кое учествуваат десет илјади московјани. Ние се бориме за власта во Русија. Ние сакаме подобар живот за нас и нашите деца. Овие избори се само прв чекор. Мора да биде подобро во цела Русија“, изјави кандидатот за градоначалник и опозициски лидер Навални.

Изборниот штаб на Алексеј Навални е многу мотивиран и е составен пред се’ од млади луѓе, кои досега го следеле Навални само на интернет, како што правела и Јелена Слесарева. Навални од пред пет години објавува документи на интернет, кои откриваат како корумпираните службеници и политичари се богатат на државна сметка.

„Јас работам и плаќам даноци, значи станува збор за пари. Но, и за парите на моите родители, кои исто така работат и плаќаат даноци. Затоа сакам да се провери и утврди како ние живееме“, вели Јелена Слесарева, симпатизерка на Навални.

Russland Prozess gegen den russischen Oppositionsführer Alexej Nawalny

Од судница, Навални беше однесен во затвор, па потоа ослободен

Многумина во Москва веруваат дека сепак нешто може да се промени. Исто така и во опозициската партија „Јаблоко“ доминира оптимистички дух. Вакво нешто кандидатот Сергеј Митрохин долго време нема доживеано. За него е јасно - тоа е поврзано со Алексеј Навални. За многумина тој е лице во кое се полагаат надежи. Но, во опозициската социјал либерална партија „Јаблоко“ Навални го сметаат за премногу радикален.

„Да, тој е опозициски политичар и ние имаме соработувано. Но, ние потоа го исклучивме од партијата поради неговите националистички ставови. Ние не поддржуваме ништо од неговите политички концепти“, вели претседателот на социјаллибералната парија „Јаблоко“.

Видеа објавени на Јутјуб го покажуваат Навални на марш на националисти. Тој повеќепати има протестирано, бидејќи смета дека на Русите им се заканува опасност од економските мигранти од Централна Азија. Либералите со тоа загубија многу симпатии.

Но, острите постапки на Кремљ кон Навални нему повторно му донесоа многу симпатии. Во јули годинава, во еден контроверзен процес, тој беше осуден на пет години затворска казна. Тој им станал премногу здодевен на моќниците, велат набљудувачи на процесот. Директно од судската сала тој беше однесен во затвор. Десетици илјади луѓе протестираа низ цела Русија. Тие не успеаја да ја променат пресудата, но Навални сепак привремено е ослободен.

Навални е вистински предизвик за системот, смета Глеб Павловскиј. Како поранешен советник на претседателот Путин, тој многу добро знае како функционира Кремљ и ги отфрла како апсурдни гласините дека Навални е проект на Кремљ и оти е толериран како крт во изборната кампања.

Proteste in Moskau

Пресудата против Навални извади на улица симпатизери на опозицискиот лидер

„Случајот на Навални покажува нешто сосема поразлично, нешто ново - единството и слогата на елитата, т.н. Путин консензус е минато - веќе не постои. А, тоа отвора коридор за вистински демократски политичари“, вели поранешниот советник на Путин, Павловскиј.

Во меѓувреме сите во Москва знаат кој е тој - Алексеј Навални.

„И покрај тоа не би гласала за него. Тој нема поим како се раководи со град како Москва. Тој ништо не разбира за тоа како функционира управувањето со Москва“, вели една московјанка.

„Јас само се надевам дека тој нема да биде уште еден од корумпираните, кога ќе дојде на власт. Бирократијата и се’ друго останува, само луѓето на власт се други“, вели еден жител на Москва.

Навални речиси и да нема шанси против актуелниот градоначалник, кандидатот на Кремљ, Сергеј Собјанин. Но, Навални би можел да освои 20 проценти од гласовите, се надеваат симпатизерите. И тоа би била победа против системот на Путин.