1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Изборите ќе ја закочат економијата

Експертите предупредуваат дека предвремените парламентарни избори ќе ја закочат економијата и ќе го продолжат инвестицискиот пост, кој веќе подолг период е карактеристика за македонската економија.

default

Наспроти владиниот оптимизам, дека брзите избори се неопходни за успешни и ефикасни реформи, експертите се скептични. Не очекуваат позитивни промени и остварување на економските проекции, туку година на хибернација: „Во период на избори владата не презема реформи, особено не болни реформи, односно кратење или прераспределба на буџетски средства кои се потребни за реформите во Македонија. Туку владата нема да работи, а парламентот веројатно наскоро ќе се распушти и ќе биде неактивен, а потоа додека да се состави нов, додека дојде нова влада и да остане истата партија, додека да се забревта машината ќе пројде годината. Државната администрација нема да работи на нови реформи, ќе се хибернира и нема да работи, ќе чека да види што ќе се случи со изборите за да знае која позиција може да ја очекува. Инвеститорите не сакаат да инвестираат зошто не знаат дали ќе дојде некоја влада што нешто ќе промени. И да не е многу нешто може да промени, а во балкански услови може буквално се’ да промени, ние немаме континуитет на политиката“, смета универзитетскиот

Deutschland Wirtschaft Börse Kurse in Frankfurt DAX stürzt ab

професор Ванчо Узунов.

Со сличен став е и професорот Шенај Хаџимустафа која смета дека во година на избори и планиран попис на населението мора да се направи ребаланс на буџетот односно прекројување на планираното трошење на народните пари. Клучната закана според нејзе не е отсуството на инвестициите, туку глобалната криза и ценовните шокови што во услови на избори тешко дека ќе можеле ефикасно да се амортизираат: „Тоа е битно во услови кога гледаме дека глобалната економија е повторно разбранета од зголемување на цените на светските берзи што сметам дека за една земја е голема опасност во однос на економијата. Зошто ако не се преземаат постојано мерки кои ќе го ублажуваат тој удар, а тоа е работа која што ја прави владата и монетарната политика мислам дека ние ќе се најдеме во небрано. Ќе удираат на нас, а ние нема да можеме да се браниме, имајќи во предвид дека му истекува мандатот и на гувернерот на Народната банка и монетарната политика ќе биде во небрано без можност за носење на некои крупни одлуки“, смета Хаџимустафа.

Економијата беше клучната карта на која актуелната влада ги доби изборите во 2006 и предвремените во 2008 година. Предизборно се ветуваа странски инвестиции, висок економски раст, подобар стандард. Се инвестираше во слободни економски зони, каде засега работат само две фабрики.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска