1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Изборите нема да влијаат врз приближувањето кон ЕУ!

Традиционално предвелигденски, политички Берлин мирува. Сепак предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни ги коментираат неколкумина парламентарци кои ги следат настаните во Македонија.

Зданието на Бундестагот во Берлин

Зданието на Бундестагот во Берлин

Изборите, редовни или вонредни, во ЕУ или надвор од неа, се дел од демократијата и политичката култура. Оттаму и граѓанското изјаснување во Македонија, доколку мине регуларно, нема да го наруши патот земјата кон ЕУ.

„Тоа е внатрешно политичка македонска тема, која воопшто нема да влијание врз преговорите за членство во ЕУ. Секако, се посакува изборите да минат фер, без проблеми, и што побрзо да има ефикасна влада која за нас, во Германија, отсекогаш била добар соговорник“, изјави за Дојче Веле Јохан Вадефул пратеник во Бундестагот од собраниската група на владеачката ЦДУ/ЦСУ и известувач за Македонија.

Тој во новите избори не гледа проблем, ниту пак драма.

Пленарната сала на Буденстагот

Пленарната сала на Буденстагот

Тие се нормалност и се дел од секојдневието на една слободна демократска земја. Вадефул смета дека изборната кампања е јасна, временски ограничена и нема да трае предолго. Тој е дел од групата набљудувачи на Европскиот совет, која ќе следи дали се’ се одвива регуларно, за што тој однапред нема сомнежи!

Важни избори

Неговиот колега од Комисијата за Европска Унија на Бундестагот, либералот Оливер Лукшич, вели дека независно од исходот, овие избори во Македонија се важни. Со нив ќе се надмине блокадата во Парламентот и ќе се овозможи продолжување на процесот на зачленување на Македонија во ЕУ.

„По блокадата, во секој слулчај е неопходно нормализирање на парламентарниот процес, кој е дел од демократската култура. Затоа е добро што има нови избори. Верувам дека тие ќе го раздвижат процесот на зачленување во ЕУ. Зашто, колку за Европа, уште повеќе за Македонија е битно да не се рескираат перспективите за ЕУ членството“, кажува Лукшич.

Plenarsaal des Bundestages konstituierende Sitzung

Името - изборна тема!

Јасно е дека предвремените избори ќе „проголтаат“ неколку месеци. Дури и хипотетички е неблагодарно да се размислува дали, доколку не се гласаше, времето би можело да се искористи за исчекор во спорот со Грција околу името. Каков е ставот на германските парламентарците по ова прашање?

„Владеачката конзервативна партија на премиерот Груевски, според анкетите на јавното мнение води. Така веројатно многу малку работи ќе се сменат во ставот на македонската влада по однос на спорот околу името. Ова прашање ќе биде и внатрешно-политичка тема на изборите“, убеден е либералот Лукшич. Тој во блиска иднина не очекува напредок во решавањето на проблемот, кој суштински останува.

„За германската страна е од големо значење што во правото на самоопределувањето на народите спаѓа и правото да можат да се именуваат како сакаат. Затоа верувам дека ова го признава и Европа и дека може поскоро да се дојде до решение. Сигурно е неопходно македонската страна во секое време да има ефикасна влада и очекувам дека по изборите ќе биде можно брзо нејзино формирање“, коментира и демохристијанот Јохан Вадефул.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Горан Чутаноски