1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Изборите - надеж за нова ера за Македонија

Во Македонија се гласаше мирно на локалните избори во надеж за подобра ера за земјата по неодамнешните политички и етнички тензии кои ја потресоа земјата, задоволен е известувачот во ЕП, Ричард Хауит.

Известувачот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, британскиот европратеник Ричард Хауит, беше меѓу првите кои реагираше на локалните избори во Македонија.

„Задоволен сум што набљудувачите на локалните избори во Македонија известуваат дека немало сериозни инциденти во текот на изборниот ден“ , коментираше Ховит на својот профил на социјалната мрежа Твитер, преку која најчесто комуницира кога станува збор за неговата известувачка активност во Македонија.

Во Европскиот парламент и воопшто во ЕУ не беше тајна дека од овие локални избори се очекува позитивен сигнал од страна на македонските политички партии и лидери. Односно, дека е потребно изборниот процес да се спроведе на демократски начин во согласност со европските норми и стандарди. Покрај ова, европратениците очекуваат и внатрешнополитичката ситуација во земјата да се развива врз основа на политичкиот дијалог со целосно исполнување на демократските функции на парламентот и нормален демократски дијалог меѓу владата и опозицијата.

Делегацијата на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа, која ги следеше изборите, своите првични оценки ќе треба да ги даде доцна попладне. Целосниот извештај ќе биде претставен на пленарната сесија на Конгресот во октомври и во тој извештај ќе бидат застапени сите аспекти од изборниот процес. Односно како се одвивала предизборната кампања, однесувањето на медиумите, гласањето, родовата застапеност итн.

Според агенциските вести објавени на интернет порталите на франкофонските медиуми, локалните избори поминале без инциденти, ова и покрај политичката криза низ која поминува земјата. Во нивните извештаи посебен акцент е ставен на политичката криза меѓу десното владеачко мнозинство и опозицијата од левицата. Но за франкофонските медиуми главниот влог на овие избори се етничките сојузи во двете општини Струга и Кичево, каде се одвиваа дуели меѓу кандидатите на Македонците и Албанците.