1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Изборите извесни, за датумот ќе се преговара

Власта нуди вонредни избори, опозицијата ги условува. Владејачкиот тандем Груевски-Ахмети синоќа, со своите партиски врвови, се определуваа за нивно експресно одржување, до крајот на април.

default

Извесно е дека вонредни избори во Македонија ќе има, прашање е само кога и под кои услови?

СДСМ испорача серија претходни барања за да се врати во парламентот во март, а потоа и избори во јуни. Оваа игра на нерви сепак ќе заврши според волјата на владејачкото мнозинство, но тогаш останува дилемата дали Црвенковски ќе продолжи со концептот на бојкот што ќе вклучи и апстиненција од вонредните избори.

Владејачкото мнозинство не е изненадено од ултимативното барање на првиот социјалдемократ, законските решенија да се договараат на лидерски средби, а потоа во парламентот, само акламативно, да се изгласаат промените во Изборниот законик. Тие се сведуваат на одредбите околу рамномерното финансирање и медиумско застапување, можните квоти за 10 пратенички места од етничките заедници, како и преставувањето на дијаспората со три пратенички мандати. Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема потреба од големи корекции на законот за избори, зашто треба да се имплементираат само сугестиите од наблудувачите на ОДИХР, прочистување на гласачките листи и веднаш потоа може да се закаже терминот за гласање.

Кој прв ќе попушти, Црвенковски или Груевски?

Експертската јавност со резервираност гледа на ваквите партиските позицирања. Алберт Муслиу од невладиниот центар што ги следи меѓунационалните односи вели: “објективно некои од барањата се исполнети, едно од нив беше со средување на гласачките списоци и сега власта не може да тврди дека опозицијата уценува“.

Mazedonischer Präsident Branko Crvenkovski

Бранко Црвенковски одбива да каже дали повторно би седнал на премиерската фотелја

Наспроти Муслиу, комуникологот Петар Арсовски оценува дека некои од барањата на СДСМ се ултимативни, за некои може да се разговара, но за промените во изборниот закон веќе постојат препораки од претходните избори на меѓународните набљудувачи на ОБСЕ, прашање на време и проценка е кој и за што од двајцата лидери, Црвенковски или Груевски, ќе попушти?

Арсовски смета дека политичките лидери не блефириаат со намерите и барањата за предвремени избори.

„Мислам дека не е блеф, постои сериозна политичка волја за избори, сега е прашање на терминот кога да се организираат и што треба пред тоа да се промени или усогласи меѓу партиите“.

Граѓаните се уморни од избори

Тој оценува дека ќе продолжи тенденцијата на замор кај електоратот од честите изборни циклуси, додавајќи оти најголема апстиненција ќе биде регистрирана во големите урбани средини.

Артан Садику, аналитичар на партиските движења во албанскиот електорат, вели дека овие избори се пред се битка помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а во преден план се лидерските ега, суетите на Црвенковски и Груевски, во нивната прва битка кој кого ќе победи, што може целата држава да ја одведе во правец на нерегуларни или оспорувани гласања и резултати, оцени за ДВ Артан Садику. Според него ќе биде лошо ако изборите се алиби за замрзнување на проблемот со името. Напротив треба да постои внатрешен притисок спорот што поскоро да се симне од агендата на двете соседни земји. Ако за време на кампањата името се избегнува таа ќе биде неверодостојна со приоритетите за идната македонска Влада, оценува Садику.

Mazedonischer President Branko Crvenkovski und Premierminister Nikola Gruevski Treffen in Skopje

Предвремените избори ќе бидат можност и за прв директен дуел меѓу Црвенковски и Груевски

Рано е да се прогнозира исходот и кој ќе составува Влада, но Црвенковски синоќа за ТВ А1 не исклучи дека нема да биде премиер, но СДСМ не ја соопштува таканаречена “влада во сенка“. Досега објавените релевантни сондажи покажуваат политички парадокс – партиите, во македонскиот електорат, имаат поголеми рејтинзи од нивните актуелни водачи.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM