1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Изборите добија преодна оценка

Вонредните парламентарни избори во Македонија беа оценети како позитивни од меѓународните и од домашните набљудувачи.

default

Вонредните парламентарни избори во Македонија добија релативно висока преодна оценка и од домашните и од странските набљудувачи, иако и од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и од домашната асоцијација МОСТ имаат забелешки за одредени нерегуларности.

„Изборите на 5. Јуни беа конкурентни, транспарентни и добро организирани низ целата земја, иако треба да се посвети повеќе внимание кон одредени аспекти. На изборниот ден гласачите имаа можност слободно да ја изразат својата волја во мирна атмосфера и покрај одредени неодговорни тврдења за нерегуларности од одредени партии. Слободата на изразување, движење и собирање беа почитувани и кандидатите беа во можност слободно да ги изразат своите ставови“, оцени попладнево (06.06) во Скопје, Роберто Батели, координатор на набљудувачката мисија на ОБСЕ.

На заедничката прес-конференција на Батели со претставникот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Жан Шарл Гардето и со шефот на набљудувачката мисија, Џулијан Пил Јејтс, беа изнесени и забелешките на мониторите.

Шефот на набљудувачите Јејтс, рече дека наспроти црно-белите оценки за изборниот процес, тие минале во знакот на „сивата боја“

Шефот на набљудувачите Јејтс (д.), рече дека наспроти црно-белите оценки за изборниот процес, тие минале во знакот на „сивата боја“

„За жал и покрај тоа што сите партии се заложија за демократски избори без закани, обвинувањата за притисоци и закани врз гласачите и злоупотреба на државните ресурси постоеја“, рече Батели, а потенцираше и дека власта не успеала да ги одвои државните од партиските активности.

Од претставникот на Советот на Европа стигнаа забелешки за прочистеноста на избирачкиот список, додека во однос на медиумите, од Советот оценуваат дека тие треба да одбегнуваат да бидат пропагандни алатки на политичките партии и на Владата.

Шефот на набљудувачите Јејтс, рече дека наспроти црно-белите оценки за изборниот процес што е карактеристика и на други земји, и во Македонија тие минале во знакот на „сивата боја“.

Првична оценка за изборниот процес стигна и од Европската Комисија, и оттаму тој се оценува како позитивен, исполнет со политичка зрелост.

Со слични оценки излегоа и од невладината асоцијација МОСТ.

„Вчерашните избори поминаа во мирна атмосфера, со голема излезност на граѓаните што придонесе за подобрување на работата на избирачките одбори при спроведувањето на процедурата на гласање“, рече Дарко Алексов.

Дарко Алексов, МОСТ

Дарко Алексов, МОСТ

Во однос на забелешките, од МОСТ укажаа дека и годинава биле забележани дел од неправилностите карактеристични и за минатите изборни циклуси.

„Набљудувачите најчесто известуваа за неправилности од типот семејно и групно гласање, нарушување на тајноста на гласањето преку сликање на гласачките ливчиња со мобилни телефони и евидентирање на гласачите, пропусти при употребата на УВЕ-ламбата и УВЕ-спрејот. Информациите од теренот укажуваат и на поткуп, како и на агитација врз гласачите‘, рече Алексов. МОСТ ги следеше изборите со 3.700 набљудувачи, покривајќи околу 70 отсто од вкупниот број гласачки места во сите шест изборни единици.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM