1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Изборите во Конго поминаа подобро отколку што беше очекувано

Првите резултати се очекуваат по три недели. Во секој случај, во Конго започна нова ера

Од изборите во Конго

Од изборите во Конго

Конго долго го чекаше овој ден. Конгоанците во голем број излегоа на избирачките места – ОН проценуваат дека учеството на првите слободни парламентарни и претседателски избори по повеќе од 4 децении изнесува до 90 насто од вкупно 26 милиони граѓани со право на глас. Независната изборна комисија уверуваше дека првите резултати треба да бидат познати најдоцна по три недели. Доколку ниеден од 33-цата претседателски кандидати не добие апсолутно мнозинство - а во тоа никој ни не верува, тогаш ќе има и втор круг на гласање. Додека да се етаблираат сите нови институции – владата, парламентот и сенатот - може да помине половина година.

Врз изборната процедура беше трескавично работено, за да се обезбеди колку што е можно понепроблематичен тек на изборите – вистински кошмар во една земја без патишта, без вообичаената инфраструктура и со огромна стапка на неписменост.

Веднаш по шест часот, по отворањето на избирачките места, пред нив се создадоа долги колони од избирачи. На чело од една таква беше Антоан Луменга, универзитетски професор, облечен во својоот најдобар костум во чест на свечениот ден. „Овие избори се нешто сосем извонредно. Најмалку од 1965-та година овде немавме демократски избори, што би го заслужиле тоа име. Ова е настан, шанса што едноставно не смее да се пропушти. Поради тоа станав толку рано за да гласам. Моја најголема желба е да има големо учество“ – вели Луменга.

Избирачите ливчиња беа огромни, на нив и до 800 имиња на кандидатите. Веќе по некоилку часови избирачките кутии беа полни, па мораше да бидат донесени и резервни. Во неколку провинции имаше инциденти и неколку запалени избирачки места, но германските војници испратени за обезбедување на изборите воопшто не мораа да интервенираат. Набљудувачот Жорге Леао од Мозамбик оцени: „Ако се има предвид дека земјава за прв пат оди на избори, тогаш се’ е во некакви рамки. Се разбира, има многу логистички проблеми, но севкупно се’ помина прилично добро“.