1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Изборите во Венецуела на 14 април

Претседателските избори во Венецуела ќе се одржат на 14 април, соопшти Националниот избoрен совет. Фаворит за наследник на починатиот Уго Чавез е в.д. претседателот на државата Николас Мадуро.

„Ги закажуваме претседателските избори на 14. април“, ја пренесоа медиумите изјавата на претседателот на изборниот совет на Венецуела, Тибисејо Лусен.
Вршителот на должноста претседател Николас Мадуро ќе биде претседателски кандидат на владеjaчкиот социјалистички блок, а кандидат на опозицијата ќе биде Енрике Каприлес, од редовите на конзервативците.
Каприлес, кој е гувернер на сојузната држава Миранда, на претседателските избори во октомври беше противкандидат на починатиот претседател на Венецуела Уго Чавез и убедливо загуби.

Чавез почина во вторникот, на 5 март, по речиси двегодишна борба со ракот. Последната операција ја имаше на Куба во декември, а во средината на февруари се врати во Венецуела. Илјадници луѓе и повеќе од 30 шефови на држави или на влади присуствуваа во Каракас на државната церемонија на збогување со Чавез на воената академија, во која беше изложено неговото тело. Чавез на државното збогување беше прогласен за реинкарнација на борецот за слобода на Латинска Америка, Симон Боливар, и следбеник на кубанскиот револуционер Фидел Кастро.
Чавез пред својата последна операција за свој наследник го прогласи Николас Мадуро, кој ќе биде привремен претседател до изборот на новиот шеф на државата.