1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Изборен молк во Македонија

На полноќ заврши изборната кампања за вториот круг од локалните избори што ќе се одржат утре и започна изборниот молк. Денеска гласаат затворениците, болните и немоќните, внатрешно раселените и лицата во куќен притвор.

Во вториот круг право на глас имаат 988 затвореници и 73 раселени лица. Гласањето започнува во 7 часот, а завршува во 19 часот. Гласањето за избор на градоначалник во втор круг ќе се одвива во 29 општини и во Градот Скопје. Право на глас имаат еден милион 103 илјади и 175 граѓани на 1.614 избирачки места.

Втор круг гласање ќе има во Арачиново, Берово, Битола, Богданци, Брвеница, Бутел, Велес, Врапчиште, Гостивар, Дебарца, Делчево, Ѓорче Петров, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Карпош, Кочани, Куманово, Лозово, Могила, Ресен Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Центар, Чаир, Чешиново- Облешево и Градот Скопје.

Првиот круг ќе се прегласува на избирачките места 1727, 1730 и 1734 во Струмица, каде има вкупно 3.255 гласачи и на избирачкото место 1.473 во Општина Долнени. Во Градот Скопје на 536 избирачки места право на глас, според избирачкиот список, имаат 444.259 лица.

Гласањето во првиот круг од локалните избори заврши во вкупно 49 општини. Ова се петти локални избори во Македонија. Првите се одржаа во 1996, потоа следеа во 2000, во 2005, а последните во 2009 година.