1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Идниот шеф на ЦИА на сослушување

Требаше да стане збор за назначувањето на шеф на ЦИА, но на сослушувањето на Џон Бренан во Сенатот се‘ се вртеше околу војната со беспилотни летала. Бренан, и покрај жестоките отпори, упорно ги брани нападите.

Кандидатот на американскиот претседател Барак Обама за шеф на тајната служба ЦИА во текот на сослушувањето во Сенатот ја бранеше од негова страна развиената стратегија за убивање на осомничени терористи преку напади со беспилотни летала. Нападите со беспилотни летала врз терористички цели исполнуваат „строги норми“ и не се потребни нови закони за надзор на таквите напади, рече Бренан пред надлежната комисија во Сенатот.

На почетокот на сослушувањето Бренан постојано беше прекинуван во своите изјави од луѓе кои протестираа против нападите со беспилотни летала во странство. На плакатите на демонстрантите стоеја слогани од типот „Запрете ги убиствата на ЦИА“. Поради постојаното прекинување на изјавите на Бренан, шефицата на комисијата Дајен Фајнштајн побара салата да се испразни. Сепак, и Фајнштајн ја критикуваше владата на Обама што програмата за беспилотните летала ја држи во тајност дури и од законодавецот.

И сенаторите жестоко го напаѓаа Бренан и ја критикуваа тајноста на програмата која тој, како советник на Обама за анти-терористички дејства, досега ја спроведуваше. Сенаторот Марк Јудал рече дека со тоа се поткопува веродостојноста на американската влада.

Џон Бренан важи за архитект на американската војна со беспилотни летала, во која, според медиумски извештаи, досега загинале повеќе од 3 илјади луѓе. Организациите за човекови права тврдат дека поголемиот дел од жртвите биле невини цивили, кои се третираат како „колатерална штета“.

Neuer CIA-Direktor John Brennan Protest

Поради постојаните гласни извици на демонстрантите, салата беше испразнета

Пратеници и групи за човекови права долго време попусто се борат за увид во програмата за беспилотни летала. Најспорна е правната аргументација на владата за целно убивање на осомничени терористи во странство, без притоа да биде отворена правна постапка.

Американската телевизија Ен-Би-Си објави кратка форма на документот на интернет, според кој американската влада може да нареди убиство на американски граѓани доколку тие се осомничени дека се високи членови на терористичката мрежа Ал Каеда или членови на група која е поврзана со Ал Каеда, дури и ако притоа нема знаци за тоа дека тие лица активно планираат напад врз САД. Доволно е ако лицето во „последно време“ било вмешано во „активности“ кои претставуваат закана и ако нема знаци дека лицето ќе се откаже од тие планови. Одлука за тоа дали се работи за таков случај носи висок службеник во владата. Што значи „последно време“ и „активности“ не е дефинирано.